Ресторанот Езерце ќе оди под концесија

од desk3
123 прегледи

Некогашниот култен ресторан „Езерце“ во Градскиот парк и ова лето ќе остане руина. Објектот е сопственост на Општина Центар, од каде што информираат дека донеле конечна одлука ресторанот да се гради со јавно-приватно партнерство. Како што пишува Дневник, не е познато колку време ќе трае изградбата, но Општината очекува дека ќе најде заинтересиран инвеститор што ќе го изгради и ќе го стопанисува ресторанот, кој беше едно од омилените свратилишта на скопјани во паркот.

Од Општина Центар информираат дека постапката за обнова на „Езерце“ е почната и оти одбрале консултант за воспоставување на концесијата.

– Со јавна набавка со електронско наддавање, со најниска цена е избран консултант, кој ќе изготви физибилити-студија за јавно-приватно партнерство за објектот „Езерце“.

Јавната набавка беше од 500.000 денари и во таа цена се вклучени изработката на физибилити-студијата, процедурата, нацрт-договорот за постапување во јавно-приватно партнерство, плус ДДВ – изјави Kатерина Цаневска-Арсовска, портпарол во Општината Центар.

Таа потенцира дека од страна на консултантот веќе е изготвена и е разгледана физибилити-студијата.

– Во овој момент од консултантот се чека постапка за барање на земјиштето на трајно користење. Тој има обврска и да најде компанија заинтересирана да го гради објектот, која ги исполнува предвидените услови. По ова, со приватната фирма треба да се склучи договор со кој објектот ќе биде даден на користење на одреден број години согласно договорот, а потоа ќе остане во владение на Општина Центар – објасни Цаневска-Арсовска.