Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, не се согласува со критиките дека пребрзо и прелесно се предале и дека го прекинале штрајкот без да им биде исполнето ниедно од барањата.
„Влеговме во штрајк во такви какви што беа околностите, дел од нашите членови беа спречени да штрајкуваат, а ние, со поголемиот дел од членството, штрајкувавме полни 11 дена. Не се сеќавам кој друг синдикат во последно време оргинизирал штрајк, а не пак да штрајкувал 11 дена“, рече Неделков, гостувајќи во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М.
Соочен со критиките од Наставничкиот пленум и Мултиетничкиот синдикат за образование дека го урива синдикалното организирање, Неделков рече дека штрајкот донел конкретни резултати.
„Да не беше штрајкот, прашање е дали воопшто ќе се отвореше темата за казните за наставниците врз основа на екстерното тестирање. Доволно е што во овој момент сите наставници што неправедно и неправилно беа на списоците на казнети, сега нема да бидат казнети. Тие ни по судски пат немаше да можат да докажат дека не се виновни за да бидат казнети 12 месеци по 15% од платата. Сега првиот бран е поминат, околу 2 илјади наставници нема да бидат казнети и тоа е одличен резултат“, вели Неделков, додавајќи дека, сепак, системот на казнување за наставниците врз основа на екстерното тестирање останува и дека ќе треба во следниот период да се преговара со Владата за негово евентуално прилагодување и ублажување.
Неделков зборува и за тоа што предвидува спогодбата со Владата за барањата за зголемување на платите на наставниците и негувателките во градинките, како и за олеснување на водењето на педагошката евиденција.
Претседателот на СОНК тврди дека во натамошните разговори со власта ќе инсистираат на ревидирање и на законските одредби кои предвидуваат заменски наставници за време на штрајк.