Уморен сум да шетам низ мојот град со спуштена глава, да ѕиркам по дворови или тесни улички, надевајќи се дека ќе пронајдам нешто од сеќавањата, или нешто што наликува на иднина. Скопје е пропаднат град, неговиот модернизам заробен и закопан, изгубен под земја како античка рушевина. Скопје е пропаднат град зошто не е град на слободни луѓе.
На Западот одамна е етаблиран терминот „пропаднат град“, како резултат на неолибералните политики кои го уништија урбаниот велфер, јавниот простор, односно, „јавниот град“. Функцијата на урбанизмот е да ги гарантира човековите права и слободи, да отвори минимален простор за секој граѓанин во кој би се реализирала неговата економска и политичка слобода.
Кај нас тој процес на пропаѓање се оствари преку идеолошко-ревизионистичкиот проект СК 2014, кој покрај уништување на агората, на јавниот простор, на естетското, духовно и културно наличје на градот, имаше за цел да го минимизира граѓанинот, да ја истакне мегаломанијата и доминацијата на власта преку нејзиниот лажен историски наратив.
Зад таа фасада стојат материјалните интереси на режимската олигархија, која не само што испра огромни пари, туку и стана буквално сопственик на сето земјиште и речиси сите поважни недвижнини во Македонија. Во исто време се дозволи да процвета урбаната мафија, нешто што во Скопје предизвикува амбиентална и економска катастрофа.
Проблемот не е само во тоа што се изгради и што се уништи, туку и што не се изгради, како резултат на проектот СК 2014. Скопје и Македонија немаат никаква инфраструктура, дури и најобичните асфалтирања на улиците се партиски акции за перење пари и мачкање очи, или купување гласови.
Постојат уште милион мали и големи аспекти, но ете, еден ден, ќе мораме да се соочиме и со нашата урбана и рурална катастрофа, да се бориме буквално за враќање на нашата територија и слобода.