Велика Британија денес го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека дејствува како “тиранин” против Украина, но рече дека силите на Киев не би можеле да ја поразат армијата на Русија на бојното поле и само политичко решение може да го запре крвопролевањето, пренесоа агенциите.

“Украинците не можат да ја победат руската армија, тоа не е практична задача. Треба да има политичко решение”, изјави за “Скај њуз”, британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд.
“Овој човек (Путин) испрати војници во меѓународна граница и окупираше територија на друга држава во 21-от век, дејствувајќи како некој тиранин од средината на 20-тиот век”. Цивилизираните земји не прават така “, додаде тој.
Коментарите на Хамонд доаѓаат еден ден откако германскиот канцелар Ангела Меркел изјави дека испраќањето оружје за да се помогне на Украина во борбата против сепаратистите, нема да ја реши кризата таму. За ова канцеларката понесе остри критики од американските политичари.
Хамонд изјави дека Велика Британија не планира да ги вооружува украинските сили и ќе се фокусира на дипломатските напори за решавање на кризата, но се прогласи отворено во поддршка на продолжување на економските санкции на ЕУ против Русија. Тој истовремено прецизира дека Лондон може да ја преиспита својата позиција за снабдување на оружје за Киев, ако ситуацијата во регионот нагло се влоши, пренесоа агенциите, цитирана од светските агенции.
Во меѓувреме САД ги повикаа завојуваните во источна Украина на воздржаност и изјавија дека борбите може да влијаат во успехот на дипломатските напори за постигнување мир, пренесе Франс прес.
“Ги повикуваме сите страни да се воздржат од (воени) активности кои би можеле да ги поткопаат тековните дипломатски напори” за постигнување на мировен договор, изјави портпаролката на американскиот Стејт департмент Џен Саки. “Загрижени сме од интензивните борби денеска во Дебалцево и Мариупол, како и од медиумските пораки за влез на нови руски конвои во источна Украина”, додаде таа.
“Продолжуваме да ги поддржуваме предводени моментално дипломатски напори на нашите европски колеги и ја потврдуваме својата позиција дека каков било договор мора да ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина”, истакна таа.
Лидерите на Русија Владимир Путин, на Франција Франсоа Оланд, на Германија Ангела Меркел и на Украина Петро Порошенко планираат да се состанат в среда во Минск, за да разговараат за престанок на воените дејствија во Украина. Оваа средба сепак ќе се одржи само ако пред тоа се постигне договор за некои теми, предупреди рускиот претседател.