Сашо Тасевски: Ако државата ве плаќа, не значи дека треба да бидете соучесници во злосторствата

од Vladimir Zorba
89 прегледи
Вашето граѓанско здружение е жива смеа, обичен параван кој мора малку да го амортизира срамот што го очекува вашиот Пастир кога ќе бидат објавени сите негови петна на биографијата, им порачува актерот Сашо Тасевски на своите театарски колеги кои се дел од здружението за одбрана на Македонија, во својата колумна објавена на порталот „Котле“.
785876487479

Тасевски вели дека дел од актерите кои го основаа ова здружение пред неколку години го критикувале владеењето на актелната власт, пред, како што вели „да им седнат во скутот и да станат први другарчиња со нив.“

За здружението, вели, не е граѓанско, туку партиско, односно преродбеничко и дека зад неговото формирање стои власта, а дека актерите се само ставени за сликање, како своевиден пи-ар.

„Вие сте само негови пиони кои треба да ги одработите функциите што ги добивате, текстовите што ви се поставуваат и разните други ангажмани за кои земате хонорари, ама треба да бидете свесни дека сте одамна прочитани од јавноста, поточно од оној народ кој вие сакате да го приберете во тоа псеудо граѓанско здружение за одбрана на Македонија… И не знам дали се свесни, ама со вашето појавување на те-ве и вашиот небулозен концепт за одбрана на Македонија од странски тајни служби, само долевате масло на огнот на паранојата што го потпалува ОНОЈ кому му се поклонувате и под чии директиви се собирате во граѓански здруженија зад кои стои власта и тајните домашни партизирани служби кои работат во нејзин интерес. Со тоа дополнително го загрозувате мирот на сопствените граѓани и ги дефокусирате од вистинската закана за Македонија. А таа закана е вашиот Пастир и никој друг!“, вели Тасевски.

Тој ги прашува своите пријатели од театарот како не се вознемириле за промашената економска политика во државата, за галопирачката сиромаштија, за „Скопје 2014“ кое го нарекува пералана за пари, за фрлањето пари во бунар, за „вештачкото прикажување на лажен економски раст преку сулудо градење на споменици“.

Тоа што државата ме плаќа како уметник, вели тој, не значи дека треба да бидам нејзин роб.

„Не значи дека треба да бидам лакмус за нејзините лаги и манипулации, како и дежурен поддржувач во сите злосторства што ги прави против сопствениот народ. Мојата држава ме плаќа и да ја чувам од лошата власт исто така. И многу поголем чин на патриотизам е кога ги критикуваш лошите власти од позиција на уметник и јавна личност, отколку кога ги браниш и веднеш глава пред нив за грст привилегии и валкани златници“, посочува Тасевски.