Тик так,тик так-Тајмерот одбројува, јавноста ја чека „бомбата“

од Vladimir Zorba
145 прегледи

Терминот за активирањето на „бомбата“ се уште е непознат, јавноста е во исчекување, масовно се мобилизираат групи „за одбрана на државата од предавниците“, а во полициската мрежа паднаа уште двајца осомничени за пуч.

зг

МВР синоќа (8.02) уапси уште двајца осомничени за случајот „Пуч“, токму во предвечерјето на денот Д – понеделник (9.02), кога тајмерот почнува ги одбројува последните часови пред најавеното активирање на опозициската „бомба“ со компромитирачки сознанија за власта. За случајот „Пуч“ веќе кривично се гонат лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски, неговата сопруга и уште едно лице од Струмица. Уапсените Ѓ.Л. (51) од Скопје и З.К. (48) од Велес, според полицијата, соработувале со четворицата претходно осомничени.

Аналитичарите се воздржуваат од коментари дали синоќешните апсења се директна и последна порака до Заев, со цел да се откаже од објавувањето на доказите против власта. Сметаат дека каква било прогноза е беспредметна, откако раководството на СДСМ соопшти дека е подготвено за сите ризици и дека „се ќе биде објавено“. За таквиот чекор Заев доби едногласна поддршка од партискиот Централен одбор, на седницата одржана во петокот (6.02). За реализирање на проектот наречен „Вистината за Македонија“, лидерот на СДСМ доби зелено светло и од Централниот одбори на коалициските партнери – НСДП и ЛДП.

Во меќувреме анализира DW,  владата гаси пошари кои самата ги запали,

Во пресрет на „бомбата“, премиерот Груевски се обиде да ги релативизира сите експресно донесени законски измени, кои предизвикаа огромно незадоволство кај засегнатите категории граѓани. Најпрво Владата прифати едно од барањата на СОНК и ги продолжи преговорите со овој синдикат за другите барања, што резултираше со откажување на синдикалниот протест. Потоа, премиерот повика на средба претставници на Професорскиот и Студентскиот пленум, и најави одлагање на дел од усвоените мерки, како и нов закон за високо образование. Вчера, беше направена и трета отстапка – пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави измени на веќе усвоениот закон за придонеси на хонорарите, кои би биле поповолни за хонорарците.

„Ова нема да ви помине“, одговорија експресно потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права и граѓански здруженија. Тие соопштија дека ги отфрлаат најавите за измени на законот и дека остануваат на барањата доставени на 12 декември, од кои првото е – целосно повлекување на законските измени!

„Одбиваме да бидеме предмет на манипулации со цел да се амортизира незадоволството на илјадници граѓани кои протестираа и бараа укинување на законите откако беа соочени со откази, намалувања и доцнења на приходите. Затоа остануваме на најавата за протести на 13 февруари, петок во 14 часот“, соопштија синдикатите.

И од Студентскиот пленум стигна студен туш.

„Одложувањето на примената на членовите од законот, беше само прв чекор кон она што го бараме, нов закон со кој системски ќе го ревидираме концептот на високо образование. Ветувања чувме, но немаме намера да седиме дома и да се надеваме дека кармата ќе го стори останатото. До овде стигнавме, затоа што сложни, гласно на сите начини се спротивставуваме на наметнатите реформи во високото образование. Ајде да го освоиме назад универзитетот, време е да креираме автономна зона!“, соопшти Пленумот, упатувајќи повик до студентите да дојдат в среда напладне на платото на УКИМ.

бонба

А за соопштението од Обвинителството, во кое се наведува дека е забрането да се објавуваат и емитуваат материјали кои може да станат предмет на понатамошна кривична постапка, загриженост изрази и американската амбасада во Скопје.
„Амбасадата на САД со загриженост ја проследи изјавата од 3 февруари на Канцеларијата на Јавното обвинителство дека ‘објавувањето на материјали кои може да станат предмет на натамошна кривична постапка е забрането и казниво со закон’“. Како што се наведува, слободните медиуми се столб на едно демократско општество и медиумите играат клучна улога во презентирањето на информации од јавен интерес, вклучувајќи, како што е наведено, и информации кои би можеле да укажуваат на злоупотреба на власт и да резултираат со кривични постапки против јавни личности.

„Загрижени сме дека медиумите во Македонија може да ја толкуваат изјавата на Јавното обвинителство како истата да значи дека тие не треба да ја играат оваа значајна улога. Ги повикуваме властите да дадат јасно правно објаснување за изјавата од 3 февруари, поконкретно определувајќи ги околностите во кои една информација мора да се третира како службена тајна и да објаснат како новинарите ќе знаат во кои случаи ќе постојат таквите конкретни околности”, се наведува во соопштението од американската Амбасада.
До денес не стигна никакво објаснување од Обвинителството до медиумите. Прашање на часови е кога „бомбата“ ќе биде објавена, јасно е дека медиумите имаат обврска да информират за тоа, без оглед на тоа што неизвесноста околу обвинителските „стандарди“ за нивната работа ќе расте, со иста брзина како и тензиите во поделеното општество./ДВ