Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, избегна да ги одговори новинарските прашања на денешната средба со началникот на Генералштабот на Република Македонија, Горанчо Котески.
Имено, во Домот на АРМ, каде Котески треба да реферира за безбедносната состојба во земјава, на новинарите не им беше дозволено да постават прашање, иако тие инсистираа на тоа. Сепак, од протоколот им беше соопштено дека средбата не е јавна и дека можат да направат само фотографии и видеокадри.
Иванов се очекуваше да одговори на прашањата поврзани со неговата надлежност околу аферата со прислушување на повеќе од 20.000 граѓани.![]()
Ве меѓу време од кабинетот на Иванов пристигна писмено соопштение со изјава на Претседателот Иванов. Ви го пренесуваме интегрално:
Ја изразувам мојата целосна поддршка за брзо, ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок и во санкционирањето на сторителите на кривични дела.
Повикувам, политичките субјекти во земјата да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе докажат дека нивните програмски определби се во интерес на демократијата во Република Македонија.
Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството. Истите мора да се решаваат по институционален пат.
Улогата на медиумите во демократското општество е да укажат на сето она што ги нарушува демократските процеси и е против интересите на граѓаните и државата. Во остварувањето на оваа улога ја имаат мојата целосна поддршка.