Без руски серии! Во Украина методично се создаваат правни механизми на политичка цензура!?

од desk3
145 прегледи

Врховната Рада во Киев забрани емитување на руски телевизиски серии, кои ја прославуваат руската армија и нејзината моќ: со цел да се ограничи руската пропаганда. Се гази медиумската слобода, негодуваше веднаш Москва.

Наскоро од украинските ТВ екраните ќе исчезнат сите играни филмови и телевизиски серии како “Обвинителска проверка”, “Снајперистот”, “Во служба на татковината”, “Деструктивна моќ” и други од овој жанр. Украинските телевизиски гледачи нема да можат да го видат и неодамна снимениот филм од режисерот Андреј Звјагинцев -“Левијатан”, кој е номиниран за Оскар за филм од странско говорно подрачје.

Сите во куп

Врховната Рада го забранува емитувањето на руски пропагандни снимки снимени после 1991 година, што го прославуваат советското спроведување на законот, војската, државните симболи на Русија и такви со антиукраинска насоченост. Во забранетата листа влегуваат сепак и филмови со различен жанр и тематика снимени во Русија во 2014 година, вели авторот на законот Николај Кнјажицкиј, кој е претседател на Комитетот за прашањата на духовноста и куртурата. Целосниот текст на законот усвоен од Врховната Рада на 5 февруари , сеуште не е објавен. Според зборовите на Кнјажицкиј, преку законот Киев сака да го ограничи моќното влијание на руската пропаганда меѓу укринските граѓани. Тој прецизира при тоа дека забраната важи само за телевизиските канали и не влијае на киносалите во земјата.

Украинците гледаат различно на овие нови ограничувања. “Во Русија има многу талентирани филмаџии, кои прават темелни филмови. И ова не се однесува само до Андреј Звјагинцев кој го сними” Левијатан “, туку и до многу други како Виталиј Манскиј од Лавов, кој со години живее во Русија и таму прави филмови . Што сега? Да не ги гледаме и неговите филмови ли? Тоа се дела на уметноста, кои само со еден избезумен потег одат во вкупниот куп “, навредена е заменик претседателот на Унијата на украинските филмски работници – режисер Роман Ширман.

Во иднина одлуката за забрана да се емитува одредена серија или филм ќе ја дава експертска комисија за прашањата на кино-дристрибуцијата на Државната агенција за прашањата на филмот. Покрај забраната, комисијата е должна да развие шема за наметнување казни на одредени телевизии кои ќе го прекршуваат законот. Висината на казната се движи меѓу 10 и 30 минимални плати. Според зборовите на членот на комисијата Виталиј Капранов, само 10 проценти од засегнатите серии и играни филмови содржат елементи на пропаганда или имаат антиукраинска насоченост. “Продуцентите брзо се ориентираат во конјуктурата и од новите производи исчезнаа огромните руски тробојки и двоглави орли. Дури и во филмовите за милицијата”, вели тој во разговор со Дојче веле. Капранов предвиде дека сега ќе се зголеми бројот на западноевропските и американските телевизиски серии. “Пред извесно време украинските гледачи уживаа во ” Твин Пикс “,” Алф “и други западни серии. Но тоа беше порано. Потоа ни ги посадија руските серии”, вели Виталиј Капранов.

Реалности и “бонуси”

Повеќето експерти истакнуваат дека европските телевизиски серии се значително поевтини од руските. Сепак досега украинските телевизиски канали купуваа руски серии – благодарение на моќното руско лоби. “Ако една европска серија може да биде купена за 500 до 3.000 долари за час, руските серии чинат меѓу 25 и 30 000 долари за час. И украинските телевизии купуваа руски серии, со образложение дека нивната содржина одговара на украинската реалноста. А всушност тоа беше чист примерок на корупција “, вели Николај Кнјажицкиј. Виталиј Капранов додава дека одлуките за емитувањето на одредена серија се носат од менаџерите на телевизиите кои добивале дебели “бонуси” од руските продуценти. “Европските продуценти не даваат мито за емитувањето на нивните производи. Затоа кај нас не ги емитуваат нивните серии, иако се поевтини”, вели тој.

Експертите не ја исклучуваат можноста руското лоби да се обиде да го промени новиот закон. Уште на вториот ден по гласањето пратениците од опозицискиот блок, во кој влегуваат поранешни соборци на Виктор Јанукович, поднесоа барање за поништување на усвоениот закон.  Министерството за надворешни работи на Русија прошири декларација во која го опишува законот како задушување на слободата на говорот и ја повика меѓународната заедница да реагира. “Во Украина методично се создаваат правни механизми на политичка цензура, под изговор за заштита на националната безбедност”, пишува декларацијата на Министерството за надворешни работи во Москва.

Ќе се искористи ли шансата?

Ако зборуваме за последиците од новиот закон, ќе видиме дека има многу слабости. “Украинските режисери можат да прават квалитетни филмови, но тие тешко ќе се преориентираат брзо кон” индустриски размери “, смета режисер Владимир Тихиј.” Не можеме да очекуваме брзи промени во украинскиот кинопазар. Во продуцентството треба да влезат млади луѓе со ново размислување, а не како сега со застарен идеолошки светоглед “, вели тој. Според него, украинската филмска индустрија има потреба од значителни инвестиции. Средства, со кои сепак државата не располага. А сегашните продукциски куќи не сакаат да се преливаат пари во украинското кинопоризводство.

Изготвувачите на новиот закон за забрана на емитување на руски серии, гледаат пооптимистички на работите. Украинската унија на филмски работници, исто така верува во можностите на украинското кино. “Ние имаме сè – талентирани режисери и актери, сцена техника и студија. Имаме и искуство. Тоа е шанса што Украинците треба да ја искористат”, вели заменик-претседателот на Унијата Роман Ширман.

Усвоениот закон од Врховната Рада треба да биде потпишан и од претседателот. Ако Петро Порошенко го парафира, два месеци по објавувањето на законот од телевизиските екрани во Украина ќе исчезнат руските пропагандистички серии и играни филмови.