Пред денешниот состанок на работната група за високото образование што беше најавена од Министерството за образование од Студентскиот пленум инсистираат владини претставници да дојдат на Универзитетот.

“Посочуваме дека од овој момент па натаму преговорите не треба да се водат во Министерството за образование или Владата. Дебатата за универзитетот мора да се одвива на универзитетот. Студентски Пленум останува на ставот дека апсолутно е потребен целосно нов закон, и дека со целиот свој капацитет ќе учествува во работните групи кои ќе го изготвуваат. Ние не гледаме причина зошто претставник од Владата или Министерството не би покажал доблест да се појави на академско тло. Тоа не мора да биде автономната зона, тоа може да биде било кој факултет, Универзитетската библиотека, може да биде Ректоратот, но пред сé може да е студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој најдобро го одразува нивото на грижа за високото образование.
Потсетуваме, претставници на Студентскиот пленум не може да се заменат со претставник на студентскиот Парламент, затоа што мандатот на претседателот Кирил Спироски е истечен од октомври 2014 г. и тој не поседува никаков легитимитет да ги брани студентските права.
Бидејќи ректорот на УКИМ ја свикува средбата на која претставници од Владата и Министерството за образование прифатиле присуство, логично е тие за прв пат да нé посетат.
Универзитетските врати се отворени!”