Убиени меѓу 40 и 50 борци на ИД во возудшни напади врз цели во Либија

од Vladimir Zorba
108 прегледи

Командантот на либиските воени сили Сакер ал Џороуши денеска за египетската државна телевизија изјави дека во нападите извршени врз позиции на групата „Исламска држава“ се убиени 40-50 борци.

Egyptian jet about to leave on Libya raid. 16 Feb 2015

Египетските воени сили претходно објавија дека извршиле напади врз цели на ИД во Либија. Либија објави дека се приклучила и координирала со Египет воздушни напади против исламисти.

Според очевидци извршени се напади врз цели во градот Дерна, познат како упориште на радикални исламисти, на околу 1.300 километри источно од Триполи, меѓу Бенгази и египетската граница.

Египет рано изутринава најави дека ќе изврши воздушни напади на позиции на групата Исламска држава во Либија, откако екстремистичката група објави снимка со убиство на египетски христијански Копти, киднапирани во Либија.

Портпаролот на Генералштабот на египетската армија објави на државно радио дека се бомбардирани позиции на ИД во Либија. Авиони на египетската армија извршиле напади врз магацини со оружје и кампови за обука долж границата со Либија, по што сите авиони што учествувале во операцијата безбедно се вратиле во своите бази.

Портпаролот на египетската армија нагласи дека со тие напади е извршена одмазда за крвопролевањето. Претходно претседателот на Египет Абдел Фатах ал Сиси изјави дека неговата држава го задржува правото на соодветен начин да одговори на ИД за убиството на египетски работници во соседна Либија.

Сиси предупреди дека Каиро ќе избере неопходен начин и време да се освети за криминалните убиства. Поради убиството на 21 египетски христијани Копти во Египет е прогласена седумдневна жалост.

Убиените Копти се киднапирани во декември и јануари во градот Сирт во источна Либија, кој е под контрола на исламски групи. Советот за безбедност на ОН остро го осуди кукавичкиот чин на убиство на 21 египетски Копт од страна на џихадисти од ИД во Либија. /MИА