Брисел треба да се вклучи директно во управувањето со сложената ситуација во земјата преку ангажирање тим кој ќе го следи политичкиот дијалог меѓу политичките партии, како и ќе управува со процесот на разјаснување на аферата со прислушкувањето, рекол лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денес во Тетово на заедничка средба со амбасадорите на Финска, Тимо Рајанкагнас, и на Шведска, Матс Стафансон, како и со Аса Пехрсон, претставник на Шведска во Брисел.

На средбата се разговарало за последните случувања во Македонија во врска со аферата со масовно прислушување, меѓуетничките односи, спорот со името и евроатлантската интеграција на Македонија.
Ахмети истакнал дека аферата со масовното прислушување не смее да ја попречи евроатлантската агенда на Македонија. Вниманието не треба да се повлече од главните прашања и политичките партии треба заеднички да се ангажираат за иднината на земјата, смета тој.
Ахмети ги поканил официјален Брисел и Вашингтон директно да се вклучат во надминувањето на спорот околу името преку овозможување непосреден дијалог меѓу премиерите на Македонија и Грција.