Јемен одамна е во длабока криза, која се заканува на најсиромашната земја на Арапскиот Полуостров со распад. Многу земји веќе ги повлекоа своите дипломатски претставници од Јемен.
Германското Министерство за надворешни работи ги повика сите Германци, кои се наоѓаат на територијата на Јемен, да ја напуштат веднаш земјата. На крајот на минатата недела Германија привремено ја затвори својата амбасада во главниот град Сана. Истото го направија пред тоа и САД, Велика Британија, Франција и Италија. Сите од нив аргументираат за исклучително нестабилната ситуација во Јемен.
Политички преврат
Минатата недела шиитските бунтовници хуси ја презедоа контролата над јеменската престолнина Сана,ја зазедоа претседателската палата и го отпуштија парламентот. Многу јеменци не го прифаќаат политичкиот преврат, покажуваат многубројните сунитски протести против нивните активности, како и фактот дека многу сунити го зедоа оружјето за да заминат во редовите на терористичката мрежа Ал Каеда. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун предупреди дека Јемен пропаѓа пред очите на светот. Неколку месечните дипломатски напори на ОН изгледа конечно претрпеле неуспех.
Јемен всушност мора да се бори со многу проблеми истовремено. Државата со 25 милиони жители е меѓу најнеразвиените во светот. Населението брзо и расте, а во огромен дел тоа се состои од крајно сиромашни луѓе. Во земјата се шират неписменост и невработеност, а недостигот од вода за пиење стекнува драматични димензии. По присилната оставка на долгогодишниот претседател Али Абдула Салех (во 2012 година) Јемен е потресен од насилство и тешки политички немири. Владата на преодниот претседател Абд Рабу Мансур Хади е поддржана од Саудиска Арабија, но постепено ја загуби контролата врз земјата. Во почетокот на 2014 година шиитските милитанти хуси почнаа офанзива, го зазедоа главниот град и ја проширија контролата и врз јужниот дел на земјата.
Борба за власт
Движењето хуси се бори за повеќе моќ. Од граѓанската војна во 60-тите години шиитите се чувствуваат во неповолна положба од сунитското мнозинство. Времето од 2004 до 2010 година беше период на жестоки борби меѓу единиците на хусите и армиските рдиници на претседателот Салех, од кои некои продолжуваа со месеци, прекинати од привремени примирја. По избувнувањето на тнр. “Арапска пролет” многу кланови ги здружија силите против тогашниот претседател – макар и привремено. Така Салех беше принуден да поднесе оставка. Тој, сепак, остана во Јемен и успеа да ги задржи своите приврзаници во армијата и некои од клановите.
Во последните преговори за уставни реформи интересите на хусите и (тогаш) независниот Југ не беа земени доволно во предвид. Сунитската партија “Ал Ислам” сепак ја загуби поддршката на Саудиска Арабија, која се објави против “Муслимански браќа”, која е во состав на јадрото на “Ал Ислам”. Шиитските хуси се поддржани сепак од Иран – за ужас на претежно сунитските држави од Персискиот залив.
“Враќањето” на Салех
Движењето на хусите ја користи слабоста на противниците и го прошири своето влијание и кон јужните региони на земјата. Бунтовниците се поддржани и од поранешниот претседател Салех, кој се скара со наследникот и сопартиец – Хади. Тој не ја крие амбицијата за враќање во власта или барем за зачувување на силно влијание. Салех беше претседатела на Јемен цели 33 години, во кои сепак ситуацијата во земјата постојано се влошуваше. Но во позадината на сегашниот хаос многумина Јеменци го преферираат враќањето на Али Абдула Салех.
