Јасна Шоптрајанова: Треба да протестираме, ако сум упорна, ако сме бројни – да, ќе сменимe !

од Vladimir Zorba
360 прегледи
За менталитетот на Македонците, посебно кога некоја ситуација „зоврива“, зборува Јасна Шоптрајанова на својот Фејсбук-профил. Да. Ако имам аргументи, ако сум упорна, ако сме бројни – да, ќе смениме, вели таа.
слобода

Фриквентли аскд квесчнс или – Зошто и за што протестирам, фор дамис. И зошто треба и вие да протестирате, наместо да релативизирате. Зашто ова се одразува и на вашите животи, можеби и повеќе отколку на мојот.

И се однесува на сите протести – против ЗВО, хонорарните арачи, рефасадирањето на ГТЦ, затворањето новинари и медиуми, овие сега после прислушнатите снимки … и на сите претходни и идни (Не мачете се да заокружувате, сите одговори се точни, тоа се само разни аспекти и нијанси на истата тема).

1. А оние поарни ли се?
а) Сега збориме за овие. За конкретните овие со име и презиме. Ако некој ти ја украде колата, ќе сакаш да ти ја врати и да го казнат. Нема да си речеш – ај па, некои се и убијци, нема да се замарам за една кола.
б) А и за оние ако има да се збори, ќе збориме.
в) Тоа е и поентата, дека ние, граѓаните, сме носители на субјективитетот на државата, имаме и право и обврска да зборуваме против секоја злоупотреба.

2. И што сеа, прислушкувале, големо чудо, ти не знаеше?
– А ти знаеше? И се согласи? ОК ти е да е така?

3. И што сеа, овие прислушкувале, ама оние да извадеа некоја програма, да понудеа визија?
а) Ова не се избори. Ова е обелоденување на сериозни, престрашни злоупотреби, кршења на Устав и закони, а во најава се и потешки злодела (ќе видиме кога ќе чуеме). Сега е на ред истрага и утврдување одговорност (кривична, морална, политичка). Кога ќе дојде време за избори, тогаш ќе гледаме кој каква програма нуди (и дајбоже еднаш да се раководиме според програма, а не според симпатии, плитки емоции или антипатии кон другиот. Камо среќа стварно да ги прочитаме програмите и врз основа на тоа да одбереме, а и во текот на мандатот да проверуваме до кај се со ветеното од програмата.
б) Види 1а. Ако некој ти рече дека продавачот е убиец и треба да оди во затвор, нема да речеш – абе, немам бољи продавач од него, ај остај ми го
в) Не се само Овие и Оние. Има и веќе постојни трети, четврти итн. А некои може и допрва ќе се формираат. Ни Овие ни Оние не се статични и засекогаш добри или лоши. А има и некои што не ги знаеме, па одеднаш се јавуваат како многу јак фактор – на тоа нѐ учат примерите со Студентите и со Сириза (вака од поскорешните).

4. Абе што се замараш, со политика, немаш ли попаметна работа?
а) Предолго нѐ држат во заблуда дека политика = политикантство и дека политика се остварува само преку партија. Не за џабе (на хартија и во нормални држави) власта е поделена на 3 столба кои треба да се меѓусебе независни и едни со други да се контролираат и да си се противтежа против можни злоупотреби (тнр checks and balances). Тие 3 столба се законодавна власт (Собрание), извршна власт (Влада) и судство. Четврти столб на општеството (и контролор на сите власти) се медиумите (слободни и независни). Петти столб (и контролор на сите власти) е свесното граѓанско општество, независно од тоа дали е организирано во здруженија или не.
б) Немам попаметна работа од тоа да дадам сѐ од себе за да живееме во нормална држава. Мислам, сите ние да живееме во ОВАА држава и таа да биде нормална. Инаку, инженер сум, јазици знам, денес ако побарам работа во странство, веројатно уште утре ќе најдам (дека денес недела, да не претеруваме).

5. И што, да не ќе смениш нешто?
– Да. Ако имам аргументи, ако сум упорна, ако сме бројни – да, ќе смениме. Дури и во ова вакво општество, студентите и професорите извојуваа прелиминарни победи/измени, протестот на хонорарците исто така вроди со прелиминарни резултати. Низ многу потивок, но долготраен процес, и NaTochak смени нешо – успеа да го спречи задолжителното носење кациги за велосипедистите, а преговара, можеби веќе има и испреговарано, и за други конкретни мерки што ќе значат подобри услови за велосипедскиот сообраќај, како редовен сообраќај, не само рекреација.

6. Е тоа се Македонците, стално мора да се мразиме. И двајца да останеме, пак ќе се мразиме.
а) А кој спомена омраза, освен тебе? Воопшто не се бара омраза, хистеричен или емотивен одговор – напротив, се бара рационален, обмислен одговор што темелно ќе ги реши овие проблеми, нема само палијативно да ги замачка овие сегашни ситуации, туку (задоцнето, но ваљда еве конечно) ќе инсталира систем во кој вакви самоволија ќе се невозможни или многу отежнати. И во кој нема да постои ваква неказнивост.
б) Исто така, никој не ги изедначува сторителите со целите нивни партии. Во случајов, тоа што некои ВМРО-вци прислушкувале, не значи дека јас отсега не праам муабет со ВМРО-вците кои ми се долгогодишни пријатели (а ако некој ми е пријател, значи дека го почитувам, има причина да го почитувам). Не само што нема да не праам муабет, туку баш со задоволство би направила муабет, многу ме интересира што тие мислат за сево ова.
в) (дополна, фала за потсетување) – Критиката омраза ли е, непријателство ли е? Треба ли само да се лигавиме едни на други во лице – лелеее, браво, браво за сѐ, иако мислиме нешто сосема друго, или воопшто не мислиме? Најбитен пријател ми е тој што реално ме гледа и ќе ми каже како е навистина. Кому му требаат празни „комплименти“? А критика ни треба, насушно.

7. Абе сите се исти. (варијанта на 1, ама поширока, ги опфаќа не само Овие и Оние, туку и сите други што се организирале партиски).
а) Сигурен си? Си ги прочитал ли програмите, си се уверил ли лично што и како работат, што направиле кога биле во можност? И што направиле кога биле во неможност, за да протестираат против таквата неможност? Или така, имаш некоја општа фолклорна слика дека сите се исти.
б) Ако никој не ти чини, а знаеш што би сакал да ти се понуди, зошто не бидеш ти оној што ќе го понуди баш тоа – како своја програма, било партиска, било граѓанска што потоа ќе ја нудиш „на посвојување“ кај политичките партии (како што беше агендата за озеленување на локалните избори, на Милиеуконтакт, пред доста години).
в) И моја е одговорноста за тоа какво ќе биде ова општество, и ваша. Не е само на власта и само на опозицијата. Ние не сме ни малолетни, ни малоумни, па само онака блазирано да гледаме што они си прават таму во некој аквариум, па уште поблазирано да заклучиме дека не ги бива, нешто не ни се по ќеф, некоја демоде нефраерска нијанса избрале. А ние пошто сме снобови, ние нема што да ги валкаме нашите раце, кога имаме златна кафана за таму да си кажеме што мислиме и како би ја опраиле државава (дополна 2, фала и за ова потсетување).

8. И што после?
а) После, да се надеваме, ќе имаме понормална држава во која законите ќе се изготвуваат и донесуваат низ консултативен процес и реални анализи за сите нивни импликации, со сите директно засегнати, а потоа ќе се применуваат еднакво за сите. Голема задача, сигурно не преку ноќ, ама тоа мора да почне.
б) Премногу крв се има пролеано за оваа држава, премногу долго е чекана за на крајот да дозволиме волку бргу (после само 70 години) да дојде крај.
в) Република Македонија се вика нашава земја, не заслужила да биде само имитација на држава. Не е само името да не го дадеме, треба да не ја дадеме и суштината на она што значи Република.
г) После, што е можеби најголемата лекција, и ние, граѓаните, неполитички организираните граѓани, ќе научиме дека нашиот глас се брои и е важен секој ден. Дека не мора да чекаме избори за да гласаме или за апатично да седиме дома, туку секој ден, во секој момент кога ќе забележиме неправда, смееме и мораме да го кренеме гласот – дури и ако неправдата не нѐ засега нас директно – затоа сме општество, а не џунгла.

9. Не ти е страв?
а) Нормално дека ми е страв. Кому не би било страв од ваква концентрација на моќ и неправда, а можеби и зло?
б) Највеќе од сѐ ми е страв дека работите може и засекогаш да останат вакви, или уште полоши. Не е дека историјата не познава такви примери, и блиски и далечни. Ако никој не застане на патот, злото нема да застане само од себе, тоа не му е во природата, така наеднаш само од себе да се сепне и да се здобри.
в) Срам ми е да ми е страв.