Украинската армија соопшти дека не може да започне со повлекување на артилеријата од фронтот во источниот дел на земјата, додека проруските сепаратисти не престанат да ги напаѓаат позициите на Киев, иако беше склучено примирје, пренесоа агенциите.
Во текот на викендот сепаратистите и украинските воени претставници објавија дека постигнале договор за започнување на процесот на повлекување на тешкото оружје кое е вклучено како точка од Минските договори и требаше да стапи во сила од 15 февруари.
Во последните денови падна интензитетот на борбите, но сепаратистите два пати ги бомбардираа владините трупи оваа ноќ, објави портпаролот Анатолиј Стелмак.
Додека позициите на украинските војници продолжува да бидат напаѓани, не може да се зборува за повлекување на оружјето, изјави портпаролот Владислав Селезнов.
Во меѓувреме, претседателот на Украина Петро Порошенко вети враќање на контролата над Крим, пренесе Интерфакс.
Украинската држава ќе ја врати контролата над привремено окупираните територии. Тоа нема да се случи брзо и едноставно, рече тој и додаде дека ќе бидат обезбедени правата и интересите на домородното население на Крим и сите жители на полуостровот, независно од етничкото, јазичното и верско потекло, додаде тој.
