
Интервју на Петар Гошев дадено за Плусинфо. Ви пренесуваме дел од него:
Вие сте еден од првите македонски политичари, ако не и првиот, што го почнаа процесот на демократизација и плурализам во Македонија. Како се чувствувате сега, кога ја гледате состојбата во која се наоѓа Македонија? Дали се изневерени Вашите идеали?
– Со голем ентузијазам ги подготвувавме првите повеќепартиски избори. Со радост се саморазвластувавме од политичкиот монопол востановен со еднопартискиот систем. Се саморазвластувавме и со радост ги подготвувавме решенијата за парламентарна демократија и функционална пазарна економија, заедно и стимулирајќи го за тоа тогашниот Извршен совет на тогашното Собрание на Социјалистичка Република Македонија, предводен од Григорие Гоговски, екипа што целосно ја разбираше потребата од тој процес. На соработниците од најтесното партиско раководство им велев: „Доволно е да ги овозможиме и да ги организираме првите парламентарни избори, да го трасираме патот на политички конкурентско и слободно општество со целосно функционална пазарна економија и ние сме ја завршиле нашата главна мисија, без оглед кој ќе победи“. На првата седница на новото Претседателство на Партијата, во декември 1989 година, ја донесовме Одлуката за самораспуштање на сите партиски организации во државната администрација и во претпријатијата. (На една возрасна кокошка во новинарството и за ова некој наводно ѝ шепнал поинаку.) Се разбира, во тоа време уште полесно можевме да ги одбереме денешните методи на задржување на власта, кои после 25 години од тогаш ги применува Никола Груевски, како што тоа го направија и некои партии од просторот на бившата СФРЈ и некои партии во некои земји од остатокот на бившиот комунистички свет. Доволно ќе беше да ја продолжиме соработката со старите безбедносни служби и најмалку уште 10 години таа партија ќе беше на власт. Тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, којзнае каде ќе беше и дали ќе имаше можност да го создаде денешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, со сето ова безобразие и насилство што ѝ го прави на Македонија. А дали имавме можност да го направиме тоа? Уште прашувате! Еве за првпат јавно ќе кажам: тогашното раководство од службите за безбедност директно ми понуди „поддршка“ за првите парламентарни избори. Ги испратив таму каде што им е местото. Веројатно затоа, тие веднаш потоа се вклучија во формирањето опозициски партии, кои треба да го победат реформираниот СКМ и ги „населија“ со свои кадри и соработници, бидејќи длабоко се загрижија за својата позиција. Дваесет и пет години потоа, Груевски нè враќа 40 години назад. Кој не би се чувствувал изневерено, ако се има предвид напредокот на другите поранешни социјалистички или комунистички држави, вкупно, и во развојот на демократијата и во развојот на нивните економии?
Повеќе ТУКА