Дали навистина центрите за преработка на отпад и рециклажа мора да бидат лоцирани на изолирани локации далеку од урбаните градски населби? Неопходно ли е овие објекти да бидат само грди згради што сите ги избегнуваат? Данскиот архитект Бјарке Ингелс отвора дискусија за оваа тема и нуди нов начин на гледање на центрите за преработка на отпад преку предлогот за изградба на центар за рециклажа во урбан кварт во Копенхаген. Ингелс предлага новиот копенхашки центар за рециклажа „Sydhavns Recycling center“, наместо само изолиран индустриски објект, да биде функционален јавен простор во центарот на урбана населба во Копенхаген, кој, покрај основната функција, ќе нуди и нов простор за забава и релаксација на жителите.


Концептот на данскиот архитект опфаќа објект што ќе биде под простран зелен парк, зграда каде што, наместо само центар за рециклирање, ќе има и простор за вежбање, паркови за пикник, патеки за трчање и ред други простори каде што граѓаните ќе може да се дружат и да спортуваат во нивната населба. Студиото на Ингелс „Bjarke Ingels Group-BIG“, при изготвувањето на овој предлог, поаѓа од размислувањето дека најголемиот дел од зградите за центри за преработка на отпад се само големи бетонски кутии, индустриски објекти што се далеку од урбаната средина и изгледаат како сиви точки на градот. Предизвикот за „BIG“ бил како да се создаде центар за преработка на отпад, кој, наместо точка што се избегнува, ќе биде привлечен и жив, динамичен урбан објект среде населен градски кварт. Клучен фактор при обмислувањето на зградата бил фактот што во Данска 42 отсто од отпадот се рециклира, поради што во секој град се поставени центри за рециклажа со цел да се поттикнат граѓаните да помогнат со директно депонирање на отпадот за рециклирање, а истовремено и да може да се послужат со работите што ги имаат оставено нивните сограѓани како крупен отпад за рециклирање.


„’Sydhavns Recycling Center’ е замислен како јавен простор наместо само дел од градската инфраструктура. Зградата има дел што наликува на рид, каде што е предвидено да бидат поставени фитнес-центар, клупи и куќарки како видиковец, патеки за трчање и дел за пикник“, велат „BIG“ во описот на проектот за Design.mk. Дел од зградата што изгледа како кратер ќе биде едукативен простор, каде што ќе може да се прочита и да се разгледа начинот на рециклирање на отпадот, со цел граѓаните и подетално да бидат информирани за начинот на преработка и рециклажа.




„Овој центар за рециклажа нуди начин да почнеме да размислуваме за нашите градови како интегрирани, вештачки направени екосистеми, каде што нема да се прави разлика помеѓу предниот и задниот дел од куќата. Треба да размислуваме во насока каде што сите аспекти од секојдневието, од консумирање до рециклирање, од инфраструктура до образование, од практичното до забавното, ќе бидат споени во еден интегриран урбан простор за работа и игра“, велат од „BIG“ околу филозофијата за изградба на „Sydhavns Recycling Center“ како функционален јавен простор во урбана населба.


