Онлајн-сервисот „Airbnb“ смисли нова екстремна локација што може да биде топол дом за преспивање. Во екот на скијачката сезона сервисот трансформираше голема гондола од жичарница во ексклузивниот скијачки ресорт Куршевел на француските Алпи во модерно, луксузноуреден апартман во воздух.
Се работи за нова промотивна кампања на сервисот за неговите корисници. Шансата да преспијат во овој несекојдневен апартман на 2700 метри надморска височина, висејќи во воздух над снежните терени на еден од најубавите скијачки ресорти, ќе ја имаат четворица среќници што ќе победат на наградната игра на „Airbnb“.
Ентериерот е уреден во типичен стил на современа, удобна викендичка на планина. Дрвото доминира во ентериерот, креирајќи релаксирачка, природна атмосфера. Гондолата е поделена на удобна, пространа спална соба со модерен кревет и таван прекриен со тапет од нежни снегулки, како и мала дневна соба со удобни фотелји и софа за дружба на четиричлено друштво над скијачките терени во луксузниот ресорт над Алпите. Сепак, елементот што го одзема здивот е панорамскиот поглед низ прозорците на гондолата. Замислете се во топол, удобен апартман сами среде прекрасните, снежни Алпи, во целосна успокојувачка тишина, осветлени од природниот сјај на ѕвезденото небо.

Преспивањето е планирано за викендот 6-7. март, а наградниот конкурс за пријавување трае до 25. февруари.
Сервисот неодамна организираше сличен натпревар, каде што среќните добитници имаа можност да преспијат во модерноуреден ентериер во стар авион на „KLM“ во Амстердам.
