Груевски не ги дава Јанкуловска и Мијалков : Да не се суди никој однапред!

од desk3
101 прегледи

Не треба да се брза со какви било одлуки. Треба да се сочека во една транспаретна постапка да се утврдат фактите. Секако, одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави денеска премиерот Никола Груевски на собраниската седница за пратенички прашања.

gruevski-sobranie-520x312

Груевски одговараше на прашање на пратеничката Солза Грчева за тоа зошто не се разрешени првиот човек на УБК и на МВР по случајот со прислушувањето. Според неа, автентичноста на телефонските разговори, кои ги објавува опозициската СДСМ, досега никој не ја оспори. Случајот, вели Грчева, покажал дека нашиот безбедносен систем е колабиран.

– Вчера на јавноста мошне опсежно елаборирав околу сите овие прашања, но би одговорил на директното прашање на Грчева во правец на одговорноста на одредени лица. Јас вчера посочив, ќе повторам и денеска дека моето мислење е оти во овој момент не треба да се брза со какви било одлуки на тој план, дека треба да се сочека во една транспарентна постапка да се утврдат фактите, деталите, да не се суди никој однапред, да се види што се случувало точно, што се сите анализи па потоа на крај да се носат одлуките. Секако одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави премиерот Груевски.

Пратеничката Љубица Буралиева го праша Груевски  за меѓународната изолација на земјата .

Не постои никаква индикација дека сме меѓународно изолирани. Впрочем времето ќе го покаже тоа, како што го покажа и во 2008 -та кога се почна истата приказна од истите извори од истите актери, па со тек на време се покажа дека не е се така, изјави премиерот  Груевски

Груевски и забележа на Буралиева дека многу лесно лепи етикети на новинари и на медиуми, потсетувајќи дека и таа до неодамна беше новинар, кој стана пратеник од редовите на СДСМ.

– Мислам дека вие немате многу морален простор и морално право тоа да го правите од причина што вие до пред некое време се претставувате како независен новинар, преку ноќ станавте кандидат на политичка партија за пратеник и пратеник, така што најмалку од морален аспект не е во ред да лепите етикети на вашите поранешни колеги, рече Груевски.

Пратеничката Грчева, го праша министерот за здравство Никола Тодоров дали ќе поднесе оставка, по смртта на малата Тамара, која чекаше операција во странство и боледуваше од сколиоза. Тодоров рече дека во изминатиов период повеќе пати одговорил на ова прашање кое што му било поставено неколку пати досега и од медиумите и за време на гостувањата на телевизиски емисии.

– Во изминатиот период повеќе пати одговорив на тоа прашање, ја објаснив целата процедура за тоа кој бил надлежен во оваа процедура и која е улогата на Министерството при одлучување за лекување во странство, рече министерот Тодоров.

Ги негираше тврдењата на пратеничката Грчева дека Македонија е на последно место во Европа во однос на здравствените услуги.