За постарите генерации набљудувачи на политичките настани на просторите на поранешна Југославија нема потреба премногу да се елаборира за наведениот англиски цитат од воведот, бидејќи самото име е вовед од кој може да се испишат цели историјски читанки. Самата реченица веќе со децении e дел од политичкиот лексион и култура на регионот, синоним за испреплетеноста на тајните служби и политичките собитија. Таа му припаѓа на Јовица Станишиќ, легендарно злогласниот Шеф на Српската Тајна Полиција за време на режимот на Слободан Милошевиќ и во периодот на војните во Хрватска и Босна и Херцеговина.
Дадена е пред десетици странски и домашни новинарски екипи на 13 јуни 1995 на граница помеѓу Босна и Херцеговина и Србија, по повод ослободувањето на 26 мировници на ООН (16 француски, 6 англиски, 2 полски, и по еден шведски, руски, чешки војник) претходно заробени и држени во заложништво од страна на силите на Република Српска под команда на Караџиќ-Младиќ.
Изјавата остана запаметена поради фактот што ова не беше само првото појавување на Шефот на Српската тајна служба пред тв екраните, туку и спомнување на самото негово име во јавноста. И покрај тоа што на таа функција бил уште од 1991 година, како директен избор на Милошевиќ, и со искуство во разузнавањето уште од 1975 година. Оттаму, изјавата се смета како своевиден неславен мементо за неговата несомнена способност (по зло запаметена) и висока професионалност, да како шеф на тајните служби се држи настрана од светлата на јавноста и од темница на тајновитоста управува со политиката.
Но воедно, токму во таа изјава Станишиќ и ќе го најде спасот за својот живот и слобода по падот во немилост на црната Магбет Дама на српската политика, сопругата на Слободан Милошевиќ, професорката со цвет во коси, Мира Марковиќ, која по претходно внимателно аранжирано сценарио, на тајна средба на 13 јуни 1998 година во претседателството на Србија ги елиминира Станишиќ и генералот Момчило Перишиќ поради нивните предупредувања упатени кон Слоба за погубноста на политиките на Белград во и кон Косово.
Настаните кои ќе уследат ќе ги потврдат предупрдувањата на Станишиќ-Перишиќ, но дополнителните наоди исто така ќе потврдат дека нивните ставови не биле само плод на нивните мислења, туку и дека биле базирани врз сознанија стекнати од соработката со странските служби. Имено, Станишиќ (па и Перишиќ) подоцна ќе биде осомничен за соработка со ЦИА (чие седиште во САД го има посетено), додека пак САД и Франција ќе му се одолжат за неговото посредништво во ослободување на војниците на ООН со тоа што ќе го поштедат од служење затворска казна во Шевенинген под оптужба за воени злосторства. Станишиќ уште долго ќе биде индиректно присутен во настаните во пост-Милошевќева Србија (убиството на Џинџиќ) и до ден денес се смета за српскиот Јозеф Фуше на балканските политичко-криминални-разузнавачки подземја.
Останува лингвистичка непознаница дали Фуше некогаш минувал низ нашите простори, но не би бил изненаден доколку неговото презиме се има врежано како описен корен на типично-балканските фушерајски политики, кои ориентационо, низ години и премережја се придржуваат кон описната класификација за што појужно – потажно.
Доколку Станишиќ ќе остане запаметен по неговиот I-Spy-English вовед, нашиот Шеф на Тајната Служба по прв пат вокално се претстави низ имитација на скопски сленг, карактеристичен за ново-дојдената класа маалски чатал-махери:
“и вика, Сашо Мијалков ми ја … мајката”.
Тоа се зборовите со кои јавноста по прв пат се запозна со гласот на бдеецот над јавниот, тајниот и сиво-зонскиот мир во државата. По тие зборови ќе биде запаметен и неговиот несакан наклон пред публиката, кој по неколку ислушувања се повеќе наликуваше на радиофоничен скеч на вицот со Балканецот заробен на пуст остров со Синди Крафорд, која на крај мораше да се пресоблече во маж, за да ја удоволи над-сексуланата потреба на мажјакот да се пофали со трофејот.
Безбели нема да биде случајно ни тоа што токму тие зборови ќе бидат запаметени како потсмешлив семплинг на оперетата, која сакаше да се претстави како достоен и усовршен, награден модел на некогашната операција Опера, како врвен пример на признале-не-признале професионалните служби КОС или УДБ од поранешната федерација. Без оглед на тоа, кому сакале да се наметнат домашните џејмс-бондовци, испаѓа дека по самоконтрола и умешност биле и останале на ниво на полуписмени “дечко из Владичин Хан”, заслепени од светлата на метрополата.
Разунавачки скандал, како тековниот, e срам и резил за секоја држава. Но кога во рок од 14 години на двапати пред јавноста се одвива целосен и потполен Full Monthy акт на разузнавачкиот раштиман оркестар, тогаш проблемот поприма поголеми конотации од политичките или државните традиции на недостаток на самоконтрола. Повеќе од скандал, повеќе од удар, повеќе од пресметка, тоа е удар во менталниот склоп на еден систем со дамно истечен рок на траење – нож во срцето на длабоката држава. Создадена и формирана во едно едноумие и – поради својата неспособност за трансформација и адаптација кон новите реалности – доведена до бљутаво-комичен апсурд под друго едноумие.
Реално кажано, со оглед на понудата и околностите, секако е претерано да се очекува, низ нашите сиви коридори на нож-и-мантил институции, да се шетка некој наш Џорџ Смајли, мудар старец со мила бејби-фејс насмевка и скалпел-проникливи сомничави очи. Во таква констелација, не е толку за чудење што домашните џејмс-бондовци наликуваат на Џони Инглиш, самоубедени до самоубиствена комичност.
Во напад на паника пред првата објава на тонски-запис на сопствениот глас во ин-флагранти комуникација, Премиерот се затрча пред микрофони, за да го стори она што досега не му паѓаше ниту на памет да го стори за своите најблиски: си го спаси сопствениот имиџ и кожа. Во сопственото обраќање пред наострената за крв јавност, Премиерот влета директно во стапицата на опозицијата која сега може дури и слободно да прекине со објавувањето материјали. Целта е веќе постигната. Груевски, свесно, несвесно, потсвесно, небитно – со конфузна елаборација и нервозна гестикулација и обзнани на јавноста дека нема контрола врз состојбата и дека “не се чувствува безбеден”.
Тој момент, секако фрапантно изненадувачки, со својата дефанзивна и очајничка справедлива нота, потсетува на последниот говор на Слободан Милошевиќ на 2 октомври 2000 година. Паралелното преслушување на двата говори, безмалку препишани еден од друг, со сите наведувања на важноста на идентитетот, за надворешните фактори во спрега со домашната предавничка опозиција, за распрчувањето на земјата, што неминовно ќе уследи доколку се дозволи нивниот пад. Но и со клучниот само-поразителен и јавно навестен момент на својата немоќност да се справи со цунамито предизвици и опсадата од сите страни.
Сепак, во својата намера да искамчи милост и да спречи ерозија на подршката, Груевски (исто како и Милошевиќ) заборава на еден мал, битен детал – природата на послушноста на поданиците кон него. Имено, најсилната точка на авторитаријанскиот клиентелизам е токму клијентелистичката природа на авторитаријанизмот, која водена од егоистички и/или профитерски побуди, секако функционира во рамките на изборни резултати или мас-митинзи, но не се преведува во поддршка во кризните моменти, кога клиентите барем за момент ќе се посомневаат дали натамошната поддршка на стариот крал водач може да ги стави во “незгодна” ситуација пред принцот-наследник. Впрочем, и најголемите победници се победени од победници, ќе потсети Џон Драјден.
Анализирајќи го тонот и изборот на одбраната во вчерашниот говор, се насетува токму тој страв од незивесноста, кој очигледно се повеќе го има обземено Премиерот. Говор во кој немаше никаков, барем и умерен кураж за иднината, туку збунето разглабање за реалноста, проследено со снисходливо редење на успеси, проекти, во рефрен со позната елаборација дека другите немаат планови, проекти за понуда пред граѓаните.
А сепак, впечатокот е спротивен од замисленото. Впечаток дека реалноста гризе се подлабоко во слабината на власта, која ја чувствува неизвесноста од надворешните односи кон нас, во кои самата власт веќе нема никаков удел, туку станува објект на опсервација и интервенција. Тоа е битен момент, кој може да го спаси или потполно уништи токму водечкиот аргумент за некаква божествена способност, која ја краси оваа власт за разлика од неспособната опозиција. Но за разлика од пропагандната реалност на Груевски, во реал-политиката на моќта тој и неговата камарила беа успешни единствено во мерка, во која тоа му го овозможуваа странските партнери. САД, Велика Британија, Франција, Турција преку безбедносно-разузнавачка подршка, ЕУ преку политичка промоција и Мама-Меркел преку ефтини кредити. Тоа е вистинскиот извор на моќта на владата на Груевски и останатите “способни” премиери во регионот, која секако нема да пресуши, туку само ќе се сврти кон некои нови домашни водоносци и вршители на должноста на давање привид на автентична сувереност.
Сагата со џубоксот на Заев е веќе дел на политичкото секојдневие, кое дури и доколку физички се забрани веќе ќе направи повеќе штета отколку корист. Првата последица веќе се случува во форма на изолација на домапните (партизирани) информативни агенции од меѓународното (западно и источно) разузнавачко миље, кое се повеќе се дистанцира за да не биде колатерално опфатено и посрамено низ вулгарни банално-политички балканоидни тепачки и озборувања. Второ, проблемот за власта не се десетиците иљади информации веќе складирани на Бихаќка, туку десетиците и стотиците нови информации кои традиционалните сончогледи (од ДПМНЕ и ДУИ подеднакво) ќе ги доставуваат до комуњарите во замена за индулгенции од инаку неизбежните санкции. И како трето, уште поголем проблем допрва ќе бидат (видните) сопартијци, кои Груевски и Мијалков безмислосно ги исмејуваа, дефамираа и медиумски понижуваа додека беа во зенитот на моќта и кои во судбоносен момент можат кристално и сурово јасно да им дадат до знаење, зошто молчеа и не реагираа на таквите, често крајно болни, провокации.
Но, како понатаму? Кои се опциите за Груевски? Дали воопшто ги има?
Условно кажано – да. Иако скапи и тешко прифатливи. Пред се поради природата на sверот навикнат на беспоговорна доминација и потреба за хранење со стравот и обожувањето на подаништвото, кое ќе ја има во се помали порции. Но Груевски не е политичар, туку самонабеден водач, свесен дека на полето на политиката неговиот идеолошки меч е тап, а вербалниот дискурс жално скромен. Груевски е зависен од имиџот, кој го има вештачки создадено за себе пред јавноста и чие и најмало бледење ќе го сруши матриксот на полицијски мачизам и пропагандистички робин-худизам. Егото на Груевски е главната пречка за прифаќање на единствениот спас кој му стои на расаполагање – прифаќањето на политичка разврска преку политички инструменти. Кажано поинаку, за разлика од Заев за кого работи времето, за Груевски единствена излезна шанса за избегнување на потполн дебакл е прифаќањето на техничка влада на подолг рок, како единствен политички инструмент кој не нуди и не гарантира победа, но дава шанса за спас, барем на одложено време. И притоа ја избегне сосема реалната можност за долгорочна елиминација на политички камбек на ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија. Проблемот со последниот мотив е во тоа што за Груевски ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била важна како идеолошка база кон која култивира лојалност, туку само машина, тело, инструмент или превозно средство, преку кое ќе се стигне до тронот на власта.
Следствено, откажувањето од можноста за техничка влада како решение за кризата ќе вроди со два исхода – или Груевски ќе бара спас по цена на уништување на ВМРО-ДПМНЕ, или пак ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да го жртвува Груевски за да се избегне неминовното опозициско деценијско чмаење и протерување во политичката и буквалната периферија на општеството.
Доколку се реши на второто, ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да почне со промена на политичкиот вокабулар преку напуштање на арогантната реторика на елитизмот за одбрана на “државата” (сега синоним за партиска корупција, криминал и непотизам) и се определи за спас и опстанок на “земјата” како прото-предуслов за обнова на државата ослободена од наводници.
Се разбира, илегалната ментална ДНА-клетка, длабоко всадена во политички-дводимензионалнот ум на ВМРО-ДПМНЕ, тешко дека ќе си дозволи таква смелост, па ќе се обиде да најде спас преку евоцирање идеолошки симпатии на (христијанска) солидарност од своите сестрински-десничарски музи од западот. Се поставува прашаање дали и тоа сценарио е веќе со изминат рок, барем судејќи според конфузните сигнали од Брисел, Берлин и Вашингтон, за кои Груевски (подеднакво како и Ахмети) се веќе токсични ликови кои можат да ги загрозат нивните интереси. Малиот процеп во кој ВМРО-ДПМНЕ може да најде разбирање и поддршка од странците е предусловено од нивната зрелост за прифаќање на новата реалност во која западот веќе не се бори (како до пред неколку месеци) за спас на гаранторот на инвестициите, туку за спас (или евакуација) на сопствените инвестиции.
Што се однесува до опозицијата, реално оценето, таа секако може да почне да размислува каков победнички шампањ да си нарача. И толку. Сепак, моментот за ладење на Дом Перињоните – а камоли пенавење низ чаши – е не само пристојно далечен, туку и зависи од начинот на кој Зоран Заев ќе ја исцрта и дефинира смислата на победата. Дали неговата визија за „Македонија Утре“ е само епизодно продолжение на „Македонски Династии“ во која ќе биде осуден на улога на статист или на дечко кој ветува (и на крај задолжително разочарува)? Или пак во себе (и кон сопствените) ќе најде доволно дрскост, пионерство и храброст да ја испише и режира пилот-епизодата на новиот сериал „Трета Република Македонија“.
Арсим Зеколи – Фејсбук статус
