Премиерот во Собранието на РМ како на пратеничко прашање одговари: ,,Да не се брза со барањата за давање оставки“!? Слушам и не можам да верувам – што треба да се случи некој да даде оставка? Армагедон?! Потоп?! Колективна еутаназија?!

Со ретки исклучоци досега се премолчуваше се што се случуваше последниве години. Се потсетувам на Актор, на Македонска Банка, на Мартин Нешковски… Во случајот со малата Тамара само навидум (и задоцнето) имаше морална жалопојка и изнудени оставки на претставници на пониските ешалони. И така години по ред. Ама оваа деветтава е врв – недвосмислено потсетува на деветтиот круг од „Пеколот“ на Данте Алигиери…
Во таа насока, како премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ве повикувам да ги прочитате уште еднаш (ако досега добро не сте ги преслушале) објавените снимки. Еве само дел од водените разговори што неизбежно водат во деветтиот Дантеов круг:
„Значи натоварен е со докази, со се, не може да мрдне, не го вади ни Господ. Осум години ќе му биде ова да знаеш. Какви бе триесет дена, не искача тој до издржување на казна, какви триесет дена што ти е на тебе”.
„Она ни е џокeр без неа не можеме ни да избереме ни да разрешиме?? Еве, утре ќе бираме претседател на Врховен суд. Kако да ја убедувам да гласа. Подобро да имаме таму 10 души отколку да ни фали Лина. Без неа 9 имаме, она ако ни удри контра 8 ќе имаме” (се мисли на членови на Судски Совет, н.з.).
Министер за финансии со министер за внатрешни работи за јавен обвиител. „Ми рече (се зборува за обвинителот Зврлевски, н.з.): Тоа што ми даде задача со предметот, завршено е?? Ти го затворил предметот.“
Министер за внатрешни работи: „Јас денес ќе разговарам со обвинителиве, оти без разлика еве да речеме и да не може нешто да се докаже, не се одговара така нема таму нема криминал, се вика ќе испитаме, ќе направиме…… ”, или пак Котески – Јанкуловска – „Ако продолжи така може да лета од МРТВ“.
„Може ли АЕК да даде 30 милинои денари…., како општествена одговорност да пребаци за македонската борба документарец…“
Црешата за крај – разговорот помеѓу министерот за внатрешни работи и шефот на Кабинетот на премиерот:
МП: Чекај, дали ние можеме освен ова да, муабетот да го пуштиме?
ГЈ: Зависи во каква форма муабетот?
МП: Да кажеме што било. Дознава Канал 5 дека тоа и тоа. Да го продаде името, да направи ова?
ГЈ: Ај да го чуваме тоа за од утре-задутре, да ја напишам пријавата денес, оти знаеш денес мораме да ја исфорсираме да имаме пријава за да нема простор за тензија, он кога ќе си влезе во Шутка друг е муабетот више кога е внатре.
МП: Слушај, јас од утре му ги зимам сите комитети. Во рок од недела дена му ја распаѓам партијата, сите во цела држава.
ГЈ: Тоа е супер, ама треба да направиме Мартин и еден список, да ги сотреме.
МП: Како да ги сотреме?
ГЈ: Па така, не може некој што душа ни вадел во кампањава плата да му даваме ние во институцииве. Еве кај мене на пример тие што му биле обезбедување, нема бе да работат во МВР. Нигде нема да работат.
МП: Не, не, не, вака сега, на главните луѓе тие што ни беа највака, треба показна вежба. И више на Билјана, на Томче тие ги бркаме му кажав на овој, од денеска, на клоци”.
Трите точки ќе ги оставам за крај. Сега доаѓа моралното прашање – дали треба да се премолчи сето она што го чинела контроверзната екипа околу Вас премиере?
Ние, како членови на ВМРО-ДПМНЕ од самото нејзино основање, не можевме ниту да претпоставиме за (не)моќта на вештачки набилданиот тим од новодојденци во нашата партија, а кој Ве опкружува години наназад. А токму тие се лидери на општественото живеење во Р. Македонија, истовремено и министри, директори, судии, обвинители, кадровици, уредници на вести, експерти за финансии, шефови на кабинети, насилници, силеџии и што уште не. Се мултидисциплинарци еден до еден, нели? Всушност, они се вистинските фронтмени на групата „Дубиоза колектив“, оние истите кои ги раздрмаа корените на нашата партија. Оние од студентскиот пленум на УКИМ беа заменски…
Дури сега, по сето кажано и изнесено во бомбите и изнудените пресови, почнуваме да ја разбираме суштината на синтагмата „ќе јадеме живи луѓе“. Некој навистина е канибал, но таргетот се чини се живи луѓе од нашуте, сопствени редови!?
Да ве потсетам што напишав пред неколку месеци во врска со целава ситуација. „Многубројното искрено членство на ВМРО-ДПМНЕ инсистира на правна држава, на владеење на правото, на еднаквоста. Тоа има изградена комплементарна култура на почитувањето на законите, настојува да има доверба во правниот поредок и институциите на системот и инсистира од секој граѓанин лојалност кон државата. Вмровската култура на законитост најенергично и се спротивставува на културата на беззаконитост и на асоцијалното и криминално однесување на поединци, а посебно на избраните и именуваните функционери…..
Вредностите што ги застапува членството на ВМРО-ДПМНЕ им се спротивставуваат на појавите на секое патолошко и апатриотско однесување и никогаш на никој нема да му дозволи истите да станат хронични, растечки. а уште помалку да станат доминантни”.
Оттогаш меѓу членството не се промени ништо, ние останавме истите онакви какви што сме, достојни на нашата партиска кауза а на вашиот тим му го видовме вистинското лице. Што треба уште да се чека г-дине Груевски? Да се смести уште некој во Шутка, да се избрка уште некој од работа „на клоци“. Да завиеме уште некое семејство во црно? Не, г-дине Никола Груевски. Не, не и не. Ние сме решени до крај да расчистиме, со гнилото во нашата партија. Ќе инсистираме на поединечна, но и на групна политичка одговорност. Некои ќе мораат итно да заминат што поскоро од нашето ВМРО-ДПМНЕ онака како што и дојдоа. ВМРО-ДПМНЕ е многу, многу повеќе и поголемо отколку еден премиер и неговите соработници. ВМРО-ДПМНЕ не смее да биде заштитник на оние кои згрешиле пред Уставот, законите, моралот и партисиот завет./ Јован Кекеновски, колумна објавена на +Инфо