Јанкуловска со остро “ДА” на прашањето дали има легитимитет да биде министерка по прислушувањето

од desk3
87 прегледи

Зоран Заев веќе подолг период објавува креирани материјали кои ги добил на незаконски начин и нивното објавување го прави во една незаконска постапка. Во таа смисла не би сакала да ги коментирам материјалите што тој незаконски ги поседува, посебно ако се земе предвид фактот дека тој е еден од лицата кои се осомничени со тешко кривично дело кое секако дека треба да добие институционална завршница.

jankulovska_11041_g-640x360

Ова е одговорот од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на новинарско прашање во врска со објавените аудиоснимки од прислушкувани разговори меѓу неа и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

– Меѓутоа, доколку која била од институциите смета дека во една правна постапка е потребна моја изјава, јас сум подготвена сето она што го имам да го кажам да го кажам пред институциите, нагласи министерката Јанкулоска, која денеска ја посети локацијата каде ќе се гради новиот објект на Полициската станица Ѓорче Петров.

На новинарското прашање дали по објавените снимки од телефонски разговори смета дека се уште има легитимитет да бидете министер за внатрешни работи, Јанкуловска децидно одговори со „да“.

Во однос на тоа дали ќе поднесе оставка бидејќи двајца вработени илегално прислушувале со техника на МВР, на чие чело е таа, ставот на Јанкулоска е дека најважно во овој момент е случајот да добие правна институционална завршница.

Таа потсети дека е факт оти веќе има една судска пресуда каде еден од сторителите во целост го признава делото.

Понатаму таа судска пресуда која во моментов е јавно објавена ќе биде, претпоставувам, предмет на анализа и на стручната јавност, но и на граѓаните, така што во функција на целосно завршување на постапката против останатите осомничени јас не би сакала да давам повеќе информации отколку што тоа е можно во оваа фаза од правната разрешница на случајот. Но, верувам дека во моментот кога целиот случај ќе добие една институционална правна завршница голем дел од прашањата што се поставуваат ќе бидат одговорени и на јавноста и на експертите од оваа област, изјави министерката Јанкулоска.

Таа не сакаше да коментира, како што рече, креирани материјали кои се објавуваат на незаконски начин и кои, според признанието на оној кој ги објавува, се прибавени на незаконски начин.

– Тој се соочува со една многу сериозна постапка пред институциите во Република Македонија која треба да добие правна разрешница. Доколку јас добијам покана од надлежните институции да дадам коментар, или мислење или изјава по однос на кој било аспект од оваа или некоја друга истрага јас стојам на располагање и тоа ќе го направам, рече Јанкулоска, одговарајќи на новинарското прашање дали си го препознала гласот во објавените прислушувани разговори.

На прашањето дали чувствува политичка одговорност во однос на фактот што безбедносниот систем е пробиен, Јанкулоска потенцира дека како раководство на МВР, меѓутоа и како Влада на Република Македонија секогаш се прават максимални напори во доменот на надлежностите да се преземат мерки и активности во функција на подобрување и на безбедносната состојба и во зацврстување на темелите на безбедносниот систем.