„XXX ЕВРА“: За колку ги „купивме“ странските инвеститори?

од Vladimir Zorba
113 прегледи

Откако избра излезот од високата сиромаштија да го бара во странските инвестиции и за таа цел да ги привлекува на разни начини, Владата почна да ги брои ефектите од овој концепт, но не и цената по која странските инвестиори се „купуваат“ за да дојдат и да останат во Македонија, пишува Призма.

Даночни, царински и комунални ослободувања, ослободување од плаќање ДДВ, ослободување од плаќање данок на добивка, ослободување од плаќање персонален данок на доход во период и до максимални 10 години, долгорочен закуп на градежно земјиште до 99 години и дополнително – државна помош од 100 000 до 500 000 евра за изградба на фабриките. Ова се само дел од поволностите што Владата им ги нуди на странските инвеститори кои ќе решат да отворат бизнис во рамките на слободните економски зони, но и надвор од нив.

Анализата на поединечните извештаи за доделување државна помош покажува дека фирмите добиваат готовинска поддршка по неколку основи: пари за создавање работни места, пари за исплата на корпоративен данок на добивка, пари за исплата на персоналниот данок на вработените, државна помош за трошоци при обука на вработени.

Истовремено, компаниите добиваат поволности и на локално ниво. Тие се ослободени од плаќање надомест на општините за уредување на градежното земјиште и за добивање градежни дозволи.

Дополнително, странските компании имаат пристап до бесплатен приклучок за гасовод, водоводна и канализациска мрежа.

Бенефициите што ги добиваат странските инвеститори се делат врз основа на два закона: за технолошко-индустриски зони и за државна помош. Преку овие закони, освен даночните и царинските ослободувања, се спроведуваат и директните финансирања во форма на готовинска исплата од буџетот на сметка на странските компании. Право на финансиска поддршка имаат странските фирми што работат во и надвор од слободните зони.

„Грант од хххххх евра во денарска противвредност за покривање на трошоците за изградба на градежен објект. Помош за одобрените трошоци за обука и усовршување во максимална висина од ххххх евра во денарска противвредност“, пишува буквално во Договорот со компанијата „Ван Хоол“ објавен од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Вака, со ознаката „ххххх“ наместо сума на пари, изгледаат извештаите за доделената помош и за другите фирми.

Зошто Комисијата за заштита на конкуренцијата не ги објавува транспарентно сумите на доделената помош? Оттаму велат дека податоците за парите биле доверливи. Барем за такви ги квалификувале другите државни институции.

„Кога ги изготвуваме решенијата за доделена помош, ние бараме од надлежните институции да се изјаснат дали треба да се објават и сумите. Ова значи дека во случајов, Агенцијата за странски инвестиции, Дирекцијата за ТИРЗ, ресорот за привлекување на странските инвестиции сметаат дека станува збор за доверливи податоци кои не треба да се објавуваат“, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Инаку, буџетската поддршка за странските инвестиции се спроведува преку Агенцијата за поддршка на странските инвестиции и Дирекцијата за слободни економски зони.

Во буџетот на Агенцијата за странски инвестиции, меѓу другото, се наоѓа и ставката „Поддршка на инвестиционите вложувања“ која подразбира субвенции и трансфери за инвестиции. Само во 2014 година по оваа основа беше планирано да се потрошат 4,1 милион евра. Анализата покажува дека оваа ставка во последните години е драматично зголемена. Така, во 2010 година биле издвоени 1,3 милиони евра, во 2011 година биле доделени 2,1 милион евра, во 2012 – 1,8 милиони евра, а во 2013 – 2,8 милиони евра. Вупно за петте последни години, само преку оваа ставка се потрошени 12.353.241 евра.

Од Дирекција за технолошко-индустриски развојни зони, повикувајќи се на законската регулатива, потврдуваат дека странските компании добиваат бенефиции, но не обелоденуваат колку пари досега се издвоени по оваа основа.

„Една од мерките предвидува можност на компанија корисник на ТИРЗ да ѝ биде доделен грант за изградба на фабриката во висина од 100.000 до 500.000 евра во зависност од висината на инвестицијата или креирањето нови работни места. Според овој закон, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во име на Владата на РМ склучува договор во кој е определена државната помош која се доделува на корисникот на зоната по претходна добиена согласност од страна на Владата на Република Македонија“, објаснува директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Виктор Мизо.

Сумите не ги обелоденува ниту Агенцијата за странски инвестиции, од каде што посочуваат дека сите мерки за поддршка на странските инвеститори се во согласност со законите.

„Мерките за поддршка на странските инвеститори кои реализираат проекти во рамките на подрачје кое претставува технолошко-индустриска развојна зона и надлежноста за нивно спроведување која ѝ е доделена на Агенцијата, произлегуваат од Законот за технолошко-индустриски развојни зони. Мерките кои претставуваат државна помош се составен дел од наведеното законско решение и стимулациите кои се доделуваат на компаниите кои инвестираат во ваков тип зони се идентични со содржаните мерки за стимулирања пропишани во самиот закон, притоа почитувајќи ги законските лимити пропишани во однос на максималниот интензитет на дозволената државна помош“, велат од Агенцијата за странски инвестиции.

Во исто време, од Дирекцијата за слободни економски зони посочуваат дека програмите за субвенционирање на вработувањата се подеднакво достапни и за домашните и за странските компании и дека интересот за овие директни буџетски поддршки е сѐ поголем.

Двете институции не ја обелоденуваат висината на доделената државна помош на странските инвеститори ниту како одговор на доставените барања за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Дирекцијата за ТИРЗ ја запре постапката за слободен пристап со образложение дека не било одговорено во рок од три дена на нивниот допис за дополнување на барањето.

Целата сторија на Призма на следниот линк.