Директорот на Федералната служба за безбедност на Русија (ФСС) Александар Бортников соопшти дека во случајот за убиството на опозицискиот политичар Борис Немцов се уапсени двајца осомничени.
“Како резултат на спроведената истрага се уапсени двајца осомничени за извршување на кривично дело. Тоа се Анзор Кубашев и Заур Дадаев. За тоа информираат од ФСС” – ја цитира Интерфакс изјавата на Бортников на Првиот канал на руската телевизија.
Директорот на ФСС додава дека продолжуваат оперативните и истражните активности за случајот. Тој рече дека осомничените се жители на кавкаскиот регион. Бортников додаде и дека рускиот претседател Владимир Путин бил информиран за приведувањето и дека истрагата продолжува.
Како што веќе е познато, Борис Немцов беше убиен во центарот на Москва на 27 февруари доцна.
Комитетот за истрага на Руската Федерација работи на неколку верзии за убиството на политичарот , вклучувајќи ги политички и социјални мотиви.
