Вајгл предлага Могерини да биде посредник меѓу партиите за излез од кризата во Македонија

од desk3
97 прегледи

 

61819_61788_Mogerini-600x400

Известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл, предлага шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите во земјава.

– Постизборниот бојкот е проблем кој треба да се реши во духот на споделена одговорност меѓу Владата и опозицијата, стои во нацрт-резолуцијата, со барање на крај шефицата на дипломатијата на ЕУ Федерика Могерини да посредува во договорот меѓу партиите.

Европскиот парламент доцна вечер на пленарна сесија во Стразбур ќе расправа за резолуцијата за напредокот на Република Македонија во 2014 година, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Во Резолуцијата подготвена од известувачот за Македонија, словенечкиот европратеник Иво Вајгл, се бара од Советот на Европската Унија да донесе одлука за почеток на преговорите за членство со Македонија. Ова порака во нацрт-резолуција треба да биде усвоена на утрешното гласање во Стразбур, а веќе помина во Комисијата за надворешни работи.

Во резолуцијата влегоа и последните случувања со аферата „Пуч“, прислушувањата и политичката криза.

ЕП е загрижен за поларизираната домашна клима и смета дека е под надлежност како на Владата, така и на опозицијата да се грижат за трајна политичка соработка. Владата да ја почитува улогата на Парламентот, да обезбеди доволен обем и време за консултации и да овозможи целосна, независна парламентарна контрола.

Како што пишува МИА, ЕП е сериозно загрижен поради влошувањето на односите меѓу Владата и опозицијата, особено во поглед на неодамнешната најава на обвиненијата против лидерот на опозицијата од страна на премиерот и, исто така, спротивставените обвинувања за кривични лоши дела. ЕП осудува каков било незаконски надзор и повикува сите наводи да бидат објавени, како и да се спроведе независна истрага за сите обвинувања за незаконско набљудување, со целосно почитување на принципите на транспарентност, непристрасност и пресумпцијата на невиност, стои во резолуцијата.

Во нацрт-резолуцијата се истакнува и загриженост за загрозеноста на слободата на медиумите, за широко употребуваната самоцензура и практиката на политичка клевета во медиумите, како и нивната зависност од државниот буџет.