Вчера објавениот аудио запис од разговорот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, и главниот уредник на Сител Драган Павловиќ – Латас предизвика интерес во јавноста.
Во записот Мијалков му посочува на Латас дека Бранко Црвенковски наводно му нудел договор, СДСМ да гласаат против Жерновски во Центар, а ВМРО-ДПМНЕ против Јакимовски во Карпош.
Од кабинетот на Црвенковски го пренесуваат неговиот став дека нема намера воопшто да коментира такви ординарни глупости.
“Црвенковски подолго време ги следи, но не ги коментира многу посериозните работи кои се случуваат во државата. Ваквите бош муабети на Мијалков и Латас со индигнација отфрла да ги коментира бидејќи и не заслужуваат коментар”- велат од неговиот кабинет.
Од СДСМ пак велат дека делот од синмката што осамна во медиумите, протекла по грешка.
– Ние на прес-конференциите ги објавуваме најбитните делови од разговорите, а потоа на интернет ги ставаме цели за да не испадне дека сме ги монтирале. Но, конкретниот разговор имаше дел што треба да се објави, бидејќи се однесува на изборни нeрегуларности, но и дел што не беше во план да оди, како оној за Црвенковски, како и за приватни работи на други луѓе. Грешка е што нашите не го исекле – изјави за Фокус партсикиот портпарол Петре Шилегов.

