Центарот за граѓански комуникации направи рангирање и анализа на стоте најголеми договори од 2010 до 2014 година, кои сочинуваат дури 22% од целокупната потрошена сума за јавни набавки во овој период, со цел да се предочи кои се најголемите склучени зделки и со кои фирми се склучени договорите.
100-те најголеми договори за јавни набавки склучени во последните пет години (2010-2014) изнесуваат вкупно 57 милијарди денари, односно 933 милиони евра. Само овие 100 договори вредат 22% од сите пари потрошени за јавни набавки во земјава во петте анализирани години. Во овој период се склучени вкупно околу 110.000 договори за јавни набавки при што околу 1.300 државни институции вкупно потрошиле 4,3 милијарди евра за јавни набавки. Најголемите 100 договори се склучени од страна на 33 државни институции и 60 фирми, што говори за висока концентрација на големите договори и од аспект на нарачателите и од аспект на фирмите носители на договорите.
Поединечната вредност на договорите од „Топ 100“ се движи од 2,8 до 104 милиони евра. Доминираат набавки од енергетиката и градежништвото.
Меѓу државните институции кои ги склучиле најголемите 100 договори спаѓаат: АД ЕЛЕМ, Службата за општи и заеднички работи на Владата, министерства, АЕК, Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, ЈП за државни патишта, ЈСП Скопје, Град Скопје, општините Чаир и Струмица.
Најголемите договори за јавни набавки
1. Најголемиот договор за јавни набавки во изминатите пет години е склучен меѓу АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) и германската компанија Babcock Borsing Steinmuller за модернизација на котли во термоелектраната Битола, според системот „клуч на рака“. Договорот е склучен во 2011 година, на три години, во вредност од 104 милиони евра. За споредба, сите 80 општини во земјава без град Скопје, годишно трошат околу 100 милиони евра за јавни набавки, односно помалку од само овој еден договор.
АД ЕЛЕМ најмногу троши за ископ на јаглен за РЕК Битола / Фото: АД ЕЛЕМ
2. Втор на листата е тендерот за двогодишен договор на АД ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Брод-Гнеотино, склучен во 2012 година, со кој се ангажираат работници и градежна механизација од приватната фирма Пелистер од Битола за ископ и транспорт на јагленот. 3. И третиот договор е на ЕЛЕМ со истата фирма, Пелистер од Битола, за истата намена, но за периодот од 2014-2016 година. Со овој договор ЕЛЕМ ангажира од 450 до 550 работници и опрема за ископ на 3.900.000 тони јаглен кој ќе се транспортира на растојание од 2.500-3.000 метри. 4. На четврто место е уште еден договор на ЕЛЕМ. Овој пат за услуга за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на микролокација – 3 во Рудник Суводол – РЕК Битола, со дотур на дробен јаглен на транспортерот ИТУ 2 во состав на системот за јаглен со дисконтинуирана технологија. Договорот е склучен со скопската фирма Транс Мет, на 36 месеци и ќе се спроведува до крајот на 2016 година. 5. Низата од најголеми договори на АД ЕЛЕМ ја прекинува Министерството за култура со договорот за изведување на градежни, градежно-занаетчиски, ентериерни и инсталатерски работи на објект на Голема концертна сала за Македонска филхармонија. Договорот е склучен со австриската фирма Strabag AG во 2014 година и треба да се реализира во рок од 16 месеци. 6. На шестото место на „Топ 100“ е договорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Со овој договор вреден 20 милиони евра, скопската градежна компанија Гранит е носител на набавката за изведување на градежни и градежно-занаетчиски работи за изградба на објект Државни институции – Јавна администрација и Факултет за драмски уметности. 7. На седмото место повторно е договор на АД ЕЛЕМ склучен повторно со фирмата Транс Мет ДОО Скопје, и овој пат за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микро локација – 3 во Рудник Суводол-РЕК Битола. Договорот е склучен на почетокот на 2012 со времетраење од 24 месеци.
Панорамското тркало на Вардар го гради АД Бетон Скопје
8. На осмото место е договорот за изградба на Панорамско тркало со придружни објекти и мост во Скопје. Договорот е склучен 2014 година со скопската градежна фирма Бетон во вредност од 18,3 милиони евра. 9. Договорот склучен меѓу Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и Гранит за изградба на антенски систем за контрола и мониторинг на радиоферквенции на територија на РМ е на деветто место на ранг листата на најголеми договори. Договорот е склучен во 2013 година во вредност од 17,6 милиони евра. 10. Во првите 10 договори од „Топ 100“ се вбројува и договорот на ЈСП Скопје за набавка на дизел горива склучен во 2014 година со АД Макпетрол. Договорот е вреден 16,7 милиони евра и опфаќа испорака на дизел гориво во период од 24 месеци.
Кој ги склучил најголемите договори?
ЕЛЕМ води како институција која има склучено и вредносно (41%) и бројчано (23%) најмногу договори од листата на „Топ 100“. Ова државно акционерско друштво има склучено дури 23 од 100-те најголеми договори, во вкупна вредност од 384 мил. евра.
Втора на ранг-листата на институции кои склучиле најмногу големи договори е СОЗР. Од „Топ 100“ договори, дури 10 се на СОЗР во вкупна вредност од 91 милиони евра и удел од 9,8%.
Исто толку договори има и Министерството за здравство кое низ два тендери за набавка на инсулин, глукагон, инслуински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал за период август 2012 – август 2014, како и за период август 2014 – август 2016 година има склучени пет договори со различни фирми кои се вброја во најголемите 100.
Гледано на локално ниво, во листата со најголеми договори се најдоа и скопското јавно сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје како и Град Скопје.
Гледано од аспект на носителите на набавките, во листата на 100 најголеми според бројот на добиени тендери доминира градежната компанија Гранит АД-Скопје, но според вредноста, на врвот е битолската градежна компанија Пелистер ДОО. Имено, градежната фирма Гранит е носител на 8 од „Топ 100“ договори во вкупна вредност од околу 71 милиони евра, но битолската Пелистер има склучено 4 договори во вкупна вредност од околу 110 милиони евра. Притоа, битолските фирми Пелистер и Марковски компани се единствените кои сите договори за јавни набавки од „Топ 100“ ги имаат склучен со ист набавувач, односно со АД ЕЛЕМ.
Со оглед на фактот што најголемите договори се склучувале за градежни работи, во листата на најголеми носители на договорите од „Топ 100“ се и градежните фирми Транс Мет, Бетон, Strabag, Бауер БГ и Бетон-Штип.
Во рамките на ова истражување даден е и поединечен приказ на 10-те најголеми договори склучени во секоја од последните 5 години.
Истражувањето е направено преку прибирање и обработка на податоците за склучените договори за јавни набавки во периодот од 2010 до 2014 година, објавени на Електронскиот систем на јавни набавки, според критериумот за вредноста на поединечните договори за јавни набавки.
Договори ЕЛЕМ во топ 100
Download file (XLSX, 17 KB)
Топ 100
Download file (XLSX, 28 KB)
СОЗР договори
Download file (XLSX, 14 KB)
Фирми добитници на тендери топ 100
Топ 10 најголеми по години