Сите имаат интернет, ретко кој купува онлајн во Македонија

од Vladimir Zorba
90 прегледи
Речиси 70 отсто од домаќинствата во Македонија имаат пристап до интернет, но само 10 отсто од македонските граѓани пазаруваат онлајн, пишува Радио Слободна Европа.
online-shop

Облеката и спортската опрема се на врвот на листата на производи што најмногу се порачуваат по интернет. Потоа на ранг листата следуваат аранжманите за летни и зимски одмори, производите за кои се нудат попусти, па следуваат производи за домаќинство, па книгите, весниците и списанијата, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Податоците од Народна банка покажуваат дека во изминатата година онлајн потрошувачите во просек потрошиле речиси десет милиони евра. Според податоците, на онлајн пазарот во Македонија денеска може да се најдат над 300 онлајн продавници, кои нудат секакви производи и услуги.

Додека бројките покажуваат заинтересираност на граѓаните за онлајн купување, граѓаните коишто Радио Слободна Европа ги анкетирале, рекле дека сè уште се плашат да пазарат преку интернет и дека ретко го прават тоа, пред сè поради стравот од интернет измамите.

Иако речиси 70 отсто од домаќинствата имаат пристап до интернет, податоците велат дека само 10 отсто од Македонците пазарат онлајн.

Организацијата на потрошувачи препорачува да се користат познати и проверени интернет страници и да се проучат условите за користење, плаќање и достава на производите.

Организацијата на потрошувачите лани регистрирала зголемување на жалбите на производите купени од интернет.

„Ние детектиравме такви измамни сајтови заради тоа што ни се жалеа дека нема каде да го вратат производот, тој им доаѓа на врата, немаат ништо како показател каде би можело да се пожалат, оти нели постои период од 8 или 14 денови во кој производот може да се врати“, изјавила за РСЕ Марија Лончар од Оганизацијата на потрошувачи.

Таа додала дека до нивната организација пристигнале околу три илјади жалби на граѓани за нарушување на потрошувачки права.