Досието „Раслојување и деструкција во опозицијата“ е во посед на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој ќе го објави во целост, а не фрагментарно, како што тоа го сторија телевизијата Сител и други провладини медиуми – изјавил за порталот Плусинфо висок функционер на СДСМ.
Станува збор за неколку папки под ист наслов, односно за досие кое содржи транскрипти од прислушувани разговори и пораки, други пишани материјали и анализи, чија цел е да покажат дека СДСМ во 2013 година се раслојувал и практично бил пред распад.
Зоран Заев располага со ова досие и планира да го објави. Тоа што досега не се објавени овие материјали се објаснува со фактот што на листата на приоритети на проектот „Вистината за Македонија“ се материјалите поврзани со криминалите поврзани со власта и со грабежот на изборите.
На нашето прашање, дали досието „Раслојување и деструкција во опозицијата“ е дело на странски служби, како што во хор тврдат провладините медиуми, функционерот на СДСМ вели:
– Веќе и децата знаат за бајките со странските служби. Зошто некоја странска служба би правела досиеја за раслојувањето во опозицијата? Од материјалите што ги поседуваме, совршено јасно се гледа дека станува збор за анализи подготвувани лично за премиерот Никола Груевски. Во време кога во СДСМ и во јавноста блиска до СДСМ се водат отворени расправи за тоа како понатаму, дали да се оди на избори или да се бојкотираат и слично, Груевски се надевал дека различните мислења ќе доведат до распад на опозицијата. А службите, нормално, го хранеле со анализи кои ја подгревале таа надеж. За негова жал, СДСМ не се распадна и денес е посилен и поединствен од било кога во овие осум години од владеењето на Груевски.
Во СДСМ очекуваат власта и нејзините медиуми и во наредните денови да објавуваат материјали од спомнатото досие, со цел да ги искомпромитираат опозициските лидери и да го свртат вниманието на јавноста од она што е најважно – обелоденувањето на вистината за криминалите на власта и за масовните злоупотреби на неколку луѓе од кликата на Груевски.
– Попусти се очекувањата на Груевски дека со ова нешто ќе се постигне и дека ќе и се нанесе штета на опозицијата. Дебатите, па и недоразбирањата за тоа како треба СДСМ да му се спротивстави на овој режим се зад нас. СДСМ денес има јасна политика и цврста намера да го урне овој режим. Тоа нема да се промени. Во онаа мера во која овие материјали претставуваат јавен интерес и во време кога ние ќе сметатме дека е потребно, ќе ги објавиме. Немаме што да криеме од македонската јавност – вели високиот функционер на СДСМ за Плусинфо.
Телевизија Сител, порталот Прес 24 и други провладини медиуми објавија дел од таканареченото досие „Раслојување и деструкција во опозицијата“, во кое се содржани комуникации на Бранко Црвенковски, Наташа Савова, Зоран Верушевски, Зоран Заев, Радмила Шекеринска. Сител, повикувајќи се на свои извори, вели дека досието го пронашла истрагата за случајот „Пуч“ во компјутерот на првоосомничениот Верушевски.
