Во 2013 година, судијката имала 28 предмети потврдени од Апелацискиот суд Скопје, укинати ѝ се осум предмети, а преиначени се девет предмети. Вкупно, во 2013 година, судијката постапувала во 282 предмети, решила 184, а 98 останале нерешени.

Во 2014 година, пак, таа има 31 предмет потврден од Апелацискиот суд Скопје, укинати ѝ се шест предмети, делумно укинат е еден предмет, а преиначени се четири одлуки. Вкупно, за претходната година, судијката постапувала во 243 предмети, решила 185 предмети, а останале 57 предмети. Врховниот суд потврдил пет нејзини одлуки, а укинал една одлука.

Судскиот совет одлучува за оценувањето на судиите врз основа на годишните параметри за квантитет и за квалитет, кои судот ги доставува на годишно ниво во форма на мислење за оценување на судијата до Советот.

Судијката Софија Лаличиќ, прашана за коментар од „Дојче веле“ дали пресудно за нејзиниот избор за судија била стручната и професионална подготовка или, пак, наводни партиски интервенции, одговорила: „Не коментирам и не знам дали јас можам да коментирам бидејќи судот има официјален портпарол. Моите професионални параметри и резултат се мерливи и за нив секој може да се информира во судот.“

Според податоците објавени на веб-страницата на Државната комисија за спречување корупција, Лаличиќ пријавила стан од 62 квадратни метри, вреден 70.000 евра, и автомобил „нисан џук“ со вредност поголема од 14.000 евра. Таа пријавила и акции на три места, сите купени во 2007 година. Минатата година подигнала кредит од околу 8.000 евра.