Позната критична новинарка ја напушти Русија поради смртни закани. Опозициски весник престана да издава печатено издание. Животот на несистомислениците станува тежок во една земја во која 88% од луѓето застануваат зад Путин.
Разделбата со Борис Немцов, во која учествуваа десетици илјади луѓе, стана митинг против власта. Меѓу дојдените да се збогуваат со убиениот опозициски политичар, имаше и многу новинари – како Ксенија Собчак, која работи за единствениот преостанат критичен телевизиски канал “Дожд” и Алексеј Венедиктов – од уште малтретираното од властите радио “Ехо Моски”.
Животот и на двајцата, исто е во опасност. Уште за време на поклонувањето пред ковчегот на убиениот Немцов, Ксенија Собчак имала закана од непознат маж кој на неколку пати се приближил до неа, повторувајќи: “Ксенија, ти ќе си следната!” Венедиктов бил сведок на случката, поради што бил испрашуван и од полицијата. Самата Собчак меѓувреме беше принудена да ја напушти Русија. Таа, како и Венедиктов очигледно се во т.н. листа на смртниците.
“Ваквите закани треба да се земаат сериозно. Борис Немцов не го стори тоа. Во критичната вечер тој се движел без лична заштита, иако беше опозициски политичар, омразен од властите и од одреден дел од населението. Тој тоа го знаеше и велеше:” Што да направам, зар можам да побегнам? “Токму овие зборови и ги рекол на Ксенија Собчак на денот во кој го убија”, раскажува Алексеј Венедиктов.
“Пресушување” на критичните изданија
Дмитриј Муратов, главен уредник на единствениот опозициски весник “Новаја газета”, исто така живее во опасност. Од редакцијата веќе му загинале шестмина колеги, меѓу кои и Ана Политковскаја. Муратов е принуден да прогласи запирање на печатено издание од економски причини, но во својата суштина, тие се премногу политички. На крајот на минатата недела тој се пожали пред колегите дека “Новаја газета” не е во можност да се натпреварува со изданија кои државата великодушно ги субвенционира: “Рекламата стана политичка награда. Кој добива нарачки за рекламирање, се одликува со лојалност . ”
Руската економија се наоѓа во криза, а инвеститорите се плашат од нов закон според кој странските удели во сопственоста на руски медиумски компании не смеат да надминуваат 20%. “Акционерите имаат чувство дека ги доживуваат како опозициски политичари кога го поддржуваат нашиот весник”.
Затоа еден од најголемите акционери сега се подготвува да ги продаде своите акции. Кој од двајцата – Михаил Горбачов или бизнисменот Александар Лебедев – засега е нејасно. При тоа, бројот на читателите покажува дека “Новаја газета” има огромен успех, вели главниот уредник. А и интересни теми во моментов – колку сакаш. Според Муратов, во денешна Русија од весниците се очекува да репродуцираат лолјалност кон власта. Откако 200 000-иот тираж на “нова Газета” нема веќе да биде отпечатен три пати неделно, како досега, изданието ќе биде достапно само на интернет. Аналитичари за релативно воздржаниот весник “Комерсант”, предвидуваат дека во време кога општеството застанува постојано цврсто зад властите, не може да се очекува растот на тиражот на критичните изданија.
