Со доаѓањето во УБК во 2006 година Сашо Мијалков повлекол дел од луѓето на кои им бил шеф во Министертвото за одбрана во периодот 1999-2000 година кога тој е помошник-министер за безбедност и кои тогаш алармирале за злоупотреби во овој сектор – изјави екс-директорот на УБК Горан Митевски во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.
На прашањето кои се неговите сознанија за тоа од каде потекнуваат прислушуваните разговори што ги обајвува опозицијата Митевски одговори: „Луѓе кои работеле во Секторот за безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана во периодот 1999-2000 година кога помошник-министер за безбедност е токму Сашо Мијалков информираа за одредени случувања. Чудно беше што одредени луѓе кои во тој период информираа за одредени злоупотреби, потоа се најдоа во МВР кон крајот на 2006, односно тајмингот кога Мијалков доаѓа во МВР и ја презема УБК. Јас верувам дека дел од тие луѓе ќе имаат што да кажат во евентуалниот судски процес и оптимист сум дека ќе се расветлат сите овие работи“.
Тој изјави дека нема дилеми дека разговорите се веродостојни потврдувајќи дека во 2008 година имало средба меѓу министерката Јанкуловска и директорот на УБК Мијалков со Ехуд Барак во Израел на која е потпишан договор за соработка во делот на безбедност и меѓусебно информирање што, според него, кажува дека е разговарано за купување на одредена софистицирана технологија која подоцна и е набавена и користена.
За автентичноста на објавените телефонски разговори за „360 степени“ објаснуваше и Мимоза Ристова- универзитетски професор и овластен судски вештак.
„Знаете јас сега еве пробав од оние разговори што ги водел Мијалков, јас пробав да закрпам, да направам нешто меѓутоа секој збор е изречен со посебна интонација, во посебен контекст, во посебен амбиент, во посебен шум, во посебно расположение во посебен дел од денот каде што гласот во утринските часови е пожив. Вибрираат полесно гласните жици додека во текот на денот тоа опаѓа, така што толку многу треба да има материјал, толку многу знаење во човекот што ќе го прави тоа. И тоа не треба да биде еден човек треба да бидат десет души што ќе ги секвенционираат зборовите, ќе ги редат во контекст, ќе ги редат во расположение. Мислам толку многу фактори на поделба тука имате да навистина тешко можам да поверувам дека тоа може некој да го стори. Инаку, ако можеше така, лесно да се прави тоа, тогаш од нашите големи ѕвезди во светската естрада, од Мајкл Џексон досега ќе направеа нова песна“ – рече Ристова.