Божин Павловски: Ургирал ли Груевски кај Аџиев за лустрација на еден стар научник?

од Vladimir Zorba
163 прегледи

Еден поранешен функционер на власта во Македонија, пред неполна година донесе во редакцијата на “Австралиско Македонски Неделник” аудио снимка од мобилен, на која се слуша гласот на премиерот Груевски, кој го прашува господинот Аџиев зошто се доцни со лустрирањето на еден стар научник. Заради хармонија и мир во просторите на туѓината, уредниците решија тоа да го игнорираат. Лично мислам дека постапија мудро, затоа што во големите, непрегледни простори на дијаспората, каде татковината се чувствува со срце и се сака безусловно, не треба да се настапува како вол заплеткан во свила.

Третава епизода е поврзана со последните вонредни парламентарни избори во Македонија. За време на кампањата неколку пати во Австралија доаѓаше господинот Марјан Ристески, инаку градоначалник на општина Прилип. По првата негова средба со група иселеници, редакцијата беше вџашена од неговиот ултранационалистички вокабулар. Кога би го слушнале тоа австралиските власти сигурно веднаш би го протерале, гласеше заклучокот на редакцијата. Меѓутоа, по долго размислување беше решено, заради мир и спокој меѓу патриотите, тоа да се премолчи. При второто негово доаѓање беше направен дури и разговор со него распослан на две страници од весникот. Иако тој не правеше ништо значајно за татковината освен што носеше повеќе стотини нови пасоши за одбрани гласачи.

Мислам дека и во овој случај редакцијата постапи разумно, во интерес на заедницата, иако австралиските тајни служби веројатно го следеле циркусот и се потсмевале со нашето демократско гласање. Кој им е виновен на опозиционерите што не се присутни во дијаспората? Госпоѓата Шеќеринска прифати да даде мега интервју, ги доби прашањата, но досега нема одговорено на нив. Иако главниот уредник, нејзин школски другар, беше убеден дека рамноправно ќе ги претстави двете најголеми македонски партии. Испадна дека тој лесно остварува разговор со прајминистерот на Австралија, аме невозможно тешко со својата школска другарка.

Аздисаната власт бездруго знае дека Австралија е голема колку Европа. Ако посакаш да патуваш со автобус или кола, те очекуваат беспрекорни патишта со уредни мотели на секои двесте километри. Ќе си отвориш со метална паричка бања, тоалет или просторија за одмор, а пред да го продолжиш патот не можеш да го избегнеш натписот кој те советува: “Остави го просторот таков каков што сакаш да го најдеш”. Кога би можел господинот Груевски да го разбере ова, би си изградил црквиче во својата душа, ако ја има.

(Божин Павловски на Фејсбук)