Еве веќе трет месец тектонски се тресе и се урива митот што власта со масовна пропаганда го градеше за нејзината наводна чесност. И по досегашното соголување на нејзините ужасни и срамни практики, со кои де факто се делегитимира нејзиното натамошно право да ја води земјата, власта бесрамно продолжува да ги глорифицира своите „успеси и дела“, со капарисана публика која треба дури и да ја наградува со овации.
Во меѓувреме, нивниот обид да ја потценат јавноста доживува невидени размери и методи, кои стигнаа и до менување на речникот. Нѐ убедуваат дека „провизија“ во суштина значело „донација“, а понекогаш и „преговори за намалување на цената“. Нѐ убедуваат дека тие не се истите од сликата што за нив ја презентира опозицијата. Демек, таа грда слика за ликот на ВМРО-вскиот „Доријан Греј“ е монтирана и креирана од опозицијата, а во стварноста егзистира вистинската, чесна и безгрешна елита на патриоти и преродбеници. Признанието на Ставрески дека си има работа со забегани и лудаци не им помага на граѓаните, ако општеството и натаму е соочено со власт која ја киднапира држата за свои приватни цели и потреби. Јасно е дека во таква ситуација не се можни ни реформи, ни напредок.
За да има вистински реформи, потребна е демонтажа на морално делегитимираната власт, за во иднина никој да не се осмели да си поигрува со државата, да ги алиментира потребите на привилегирана група, да рекетира, да фалсификува избори, да уништува приватни имоти и бизниси и да инсталира перпетуум мобиле модел на економија позната како „братучедска економија“ или да воведува шуро-баџанаковизам во судството. Ова дриблање, во кое во моментов сите се истовремено ставени во позиција да бидат и бик и тореадор и публика, мора да запре. Најдобро би било тоа да биде доброволно, како морален чин. Доколку тоа не се случи, земјата и натаму ќе се истоштува во тешка агонија, власта нема да може да ја регенерира изгубената доверба, а перманентно ќе расте граѓанскиот гнев.
Четвртата Македонска република секако дека ќе се создаде. По Крушевската, Асномската и независна Македонија, нема дилема дека на граѓаните им е потребно општество ослободено од рецидивите на султански партии, авторитарни лидери и корумпирани елити. Обврската и одговорноста таа да се создаде по мирен пат им останува на сите, но најмногу на оние кои сега ги имаат механизмите да го о(не)возможуваат тоа. Таквата опструкција не се исплатува. Да потсетам – градењето слободна, демократска и правна држава не се распишува на тендер. За тоа не се даваат провизии. Се бараат исклучиво визии.
