Едно пролетно утро неодамна важен посетител ги набљудуваше пешадиските вежби на поддржаните од Русија бунтовници во источна Украина.
“Генералот е многу задоволен”,им рече на војниците Бунтовничкиот командант Остап Црни, посочувајќи кон мажот во маскирна облека, опкружен од телохранители.
Мажот – речиси сигурно руски воен офицер, се загрижи кога виде како се приближуваат двајца новинари. Придружба се постави како штит, забрани снимање и групата тргна со моторизираната придружба од автомобили – “генералот” безбедно беше скриен во црн џип “Тојота” без регистарски таблички.
По речиси една година од почетокот на украинскиот конфликт големината на директната интервенција на Москва стана очигледена: тие може да носат маскирна облека, но присуството на Русите во источна Украина едвај е невидливо.
Истовремено настапија тактички промени, очигледно се со цел да се омаловажи военото присуство на Русија – дел од напорот за убедување на Западот да ги укине економските санкции. Посетите на новинарите на Асошиејтед прес во воените полигони како овие крај Енакиево и интервјуата со десетици бунтовници откриваат дека руски воени сили биле на чело на некои од големите сепаратистички офанзиво, по што брзо се повлекле.
Во поново време, откако се утврди кревкото примирје, Русија држи помалку војници во Украина, но ја зајакна обуката на бунтовниците. Според проценките на НАТО и на независен руски истражувач, со седиште во Лондон, Русија има неколку стотици воени инструктори во источна Украина.
Откако воените дејствија започнаа во средината на април минатата година, украинската влада и Западот ја обвинуваат Москва дека води ненајавена војна во Украина, испраќајќи илјадници војници да се борат на страната на сепаратистите и обезбедува вооружување за нив. Загинатите од двете страни се најмалку 6.000 луѓе.
Иако Кремљ скоро да признава дека многу Руси војувале како волонтери, цврсто го негираат испраќањето на војници или вооружување на бунтовниците.
Во текот на целиот конфликт, често само неколку дена пред појавата на нова жешка точка, новинарите на Асошиејтед прес гледаа понекогаш 80 оклопни возила на ден, повеќето доаѓаа откај границата со Русија. Да се утврди потеклото сепак беше невозможно.
Сепаратистички борци потврдуваат дека облеката и муницијате се дел од снабдувањето, кое го добиваат од Русија.
“Да, нашите браќа не снабдуваат – знаете кои”, објави борец со прекар “Тајча” на блокпост во градот Красниј Луч. Повеќето бунтовници не ги откриваат целосните имиња од страв од одмазда над нивните семејства.
Кога градот Дебалцево конечно падна во рацете на сепаратистите на 19 февруари по недели на борби за железничкиот јазол, вистински победници одамна беа заминале.
“Нашите пријатели ни помогнаа”, рече Андреј, борец, кој војувал во Дебалцево. За разлика од неговиот вод, кој нема ништо ново од тенк Т-72, Русите имале модерни Т-90, тврди тој. Како и другите бунтовници, Андреј не сакаше да каже презиме, бидејќи неговото семејство живее во област под контрола на Украина.
Друг борец по име Алексеј се расположи, кога беше запрашан за Руси во битката за Дебалцево: “Нема да кријам: Русите беа тука. Дојдоа брзо и си заминаа брзо”.
Игор Сутјагин од Кралскиот институт на Обединетите служби во Лондон – независен тинк-тенк за истражување во областа на одбраната и безбедноста, има поминато месеци во собирањето на докази за руското присуство во Украина, како резултат на што составил детален список на борбени единици.
Присуството на голем број руски војници била “постојана карактеристика на конфликтот” од август, рече Сутјагин, нивниот број достигна врв од околу 9.000 луѓе во крајот на февруари. Оценката му произлегува од пресметки базирани на визуелно откривање на оружје и на информации од војници на социјалните мрежи .
Сутјагин го потврдува кажаното од бунтовниците за влез на руски сили во Украина и брзото заминување откако битката е добиена. Според неговите пресметки неколку стотина руски војници се уште се во Украина.
Министерството за одбрана на Русија не одговори на бројните телефонски повици и факсови со барање за коментар.
Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, изјави минатиот вторник дека Русија “цврсто ги негира” информациите за руско воено присуство во Украина.
НАТО инсистира дека руски војници продолжуваат да дејствуваат во источна Украина и покрај прекинот на огнот. Во последниве месеци, според потполковник Џеј Јансен од штабот на НАТО во Брисел, Русија им префрлила на сепаратистите над 1000 единици тешко оружје.
Според зборовите на генералот Филип Бридлав, командант на силите на НАТО во Европа, разузнавачки информации на Алијансата покажуваат дека инструктори од руските специјални единици обучувале борци во источна Украина како да се справат со модерното оружје испорачано од Русија. Според него 250-300 советници ја надгледувале обуката.
Во околината на Енакиево, каде што мажот, кој беше наречен “генералот” ги набљудуваше вежбите, недостатокот на формална воена подготовка кај бунтовниците беше очигледна.
Кога оклопните машини отворија оган, Црни, нивниот командант, почна да вика по комуникациските рски: “Зошто отворен оган? Не сум ви дал наредба да пука!”
Подоцна Црни им рече на бунтовниците дека “генералот” беше задоволен: “Рече дека сте се справиле добро. Но, според мене, всушност, не беше добро. Има уште многу да се работи”.
