Смртоносните полициски напади во кои бели полицајци убиваат луѓе со темна кожа, предизвикуваат недоверба меѓу повеќе Американци. Промени сепак едвај ќе настапат и после последниот смртоносен инцидент, коментира Геро Шлијс.
Фергусон, Њујорк, Кливленд и сега и Северен Чарлстон. Уште колку вакви случаи треба да има се додека не се промени нешто? Американците со право се навредени и очајни од својата полиција, иако знаат дека има и “добри” полицајци. Многу често, сепак полицијата воопшто не е помошник и пријател на граѓаните.
Решавачко видео
Смртоносните истрели против невооружениот срнец Валтер Скот, кои ги испрато белиот полицаец Мајкл Слејгер се најсвеж пример од серијата смртоносни инциденти во кои бели полицајци убиваат невооружени луѓе темна кожа. Овој пат сепак уште од самиот почеток немаше никакви сомнежи во однос на вината. Ужасно аматерско видео, снимено од еден минувач,ја покажува целата бруталност и суровост на полицаецот. Истовремено тоа е и еден од доказите што непобитно го фаќа во лага полицискиот протокол. Видеото го засили и притисокот во однос на локалните политичари. По емитувањето градоначалникот на Северен Чарлстон реагираше брзо – со отстранување од служба и апсење на обвинетиот полицаец.
Значи ли тоа дека барем во северен Чарлстон повторно сè е во ред? Во никој случај. Сето можеше да се развие поинаку, ако предметното видео не излезе на виделина. Слејгер би ја избегнал аферата со помош на своите колеги и веројатно убиството би останало неказнето.
За причините за смртоносните истрели на бели полицајци против граѓани со темна кожа се напиша многу. Обуката на полицајците по правило е лошљ и тие често посегнуваат премногу брзо кон оружјето. Фактот дека слични инциденти влијаат главно на членовите на црнечкото малцинство сепак се наведнува и на сосема други мисли. Во Америка сеуште има сериозен расен проблем кој постои уште од основањето . А фактот дека актуелниот претседател е потемен, не ги менува работите. Расните предрасуди уште се широко распространети. И тоа не само во јужните американски држави како Јужна Каролина, туку и на друго место. Многумина се уште сметаат дека темните граѓани се непотполни во споредба со белците.
Под маската на политичарите
Полицискиот протокол од Јужна Каролина е полн со лаги. А тоа беше возможно бидејќи некои политичари ја прикриваат полицијата. По интервенцијата на претседателот Обама и на министерот за правда Ерик Холдер, истражната комисија во Фергусон излезе со уништувачки извештај за локалната полиција и одговорните лица беа принудени на поднесат оставки. Сега повторно ФБИ и Министерството за правда водат истрагата. Потребни се сепак структурни подобрувања, како што предложи специјалната комисија, назначена од Обама по смртоносниот инцидент во Фергусон. Обуката на полицајците треба да биде подобрена, во полицијата треба да бидат назначувани повеќе кадри со темна кожа. Смртоносните инциденти треба да се испитуваат од страна на независна комисија и на последно место секој полицаец мора да биде опремен со камери.
Многумина сметаат дека камерите по телата на полицајците се лек, но тоа не е така – тие не можат де се изборат со расистичките предрасуди, само можат да придонесат за воспоставување на повеќе доверба. Сеуште не се знае дали предлозите на специјалната комисија воопшто ќе бидат реализирани во практика во полициите на одделните држави и општини. Досега иницијативи како оваа од Вашингтон биваа секогаш спречувани.
Добра вест од Фергусон
За да пристапи темелно кон расниот проблем, Америка мора да биде фер кон себе. Тоа сепак нема да се случи, додека некои републикански кандидати за претседателската функција официјално продолжуваат да го омаловажуваат расно прашање. Неодамна, сепак има зрак надеж, а добрата вест дојде токму од Фергусон. Таму се одржаа првите избори за градскиот совет по немирите и резултатот е импресивен: одѕивот е зголемен двојно, а бројот на градските претставници во градскиот совет е тројно зголемен.
