Откако Хилари Клинтон официјално се вклучи во трката за освојување на претседателската номинација на американските демократи, многумина се прашуваат каква ќе биде улогата поранешниот претседател и нејзин сопруг Бил Клинтон, наведува во својата анализа Франс прес.
68-годишниот Бил Клинтон има широка мрежа на контакти, неоспорно харизматичен е и сеуште ужива вистинска популарност – сите нешта кои можат да и помогнат на Хилари.
Точно е дека поранешната прва дама веќе има изменет статус во споредба со 2008 година, кога за прв пат се бореше за претседателската номинација на демократите и загуби од Барак Обама. 7 години подоцна таа веќе беше државен секретар во период од 4 години, а и како што изгледа засега нема вистински противник во битката за претседателската номинација на демократите.
Значи пречките на внатрепартиските избори се дефинираат како лесни за надминување, освен некое огромно изненадување.
“Мојот сопруг е шармантен, но немам потреба од некој кој ќе го брани постигнатото од мене”, рече Хилари во јуни 2014 година Пред неколку месеци Бил Клинтон беше запрашан каква улога ќе игра, ако жена му кандидира за претседател и тој одговори во смеа : “Јас сум едноставен војник во армијата, ќе правам што ќе ми наредат”.
Но, никој во Вашингтон не верува дека тој може да се задоволи да остане во сенка. Според една неодамнешна анкета на NBC и весникот “Волстрит џурнал” 56% од Американците имаат позитивно мислење за него, и покрај неколкуте сериозни скандали за време на неговото владеење.
Тоа е доста повеќе од позитивното мислење за Хилари, имено 44 проценти. Според истата анкета Барак Обама дури има 43 проценти одобрување, а Џорџ Буш помладиот едвај 35-39 проценти одобрување.
Во 2012 година Клинтон му помогна на Барак Обама, кој тогаш се бореше за втор мандат, а за време на конгресот на демократите одржа говор, во кој ги истакна вештини на претседателот и така ја запали публиката. Самиот Обама тогаш на шега рече дека би сакал да создаде позиција за Бил Клинтон, наречен “министер кој знае како да ги објаснува работите”.
Според аналитичарите Бил Клинтон би играл многу добра улога зад сцената за време на предизборната кампања на Хилари, бидејќи тој има одлични контакти со многу богати донатори и одржува тесни врски со различни личности од својата сопствена партија.
И до изборите на 8 ноември 2016 година, Бил Клинтон има доволно време за да си измисли улога. Некои медиуми шпекулираа за тоа каква ќе биде улогата на Бил Клинтон, кога неговата сопруга ќе стане 45-ти претседател на САД. Но до тогаш има време.
