Отворено писмо од група лустрирани граѓани на Битола до Томе Аџиев

од Vladimir Zorba
92 прегледи

Ви го пренесуваме отвореното писмо од група лустрирани граѓани на Битола до претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев, објавено на порталот Револуционер:

tome_adziev_telma_raka1-540x302

Господине Аџиев Томе, во понатамошниот текст: Господин А.Т.

Претпоставувамe дека ги разбирате тајните азбуки за коресподенција на ЦК на Македонската револуционерна организација од Солун (тајно Света Гора) и истата на комитетот од Битола (Ерусалим) во периодот 1898-1903 год. Меѓутоа тоа е неразбирлива комуникација за граѓаните на нашата татковина и затоа нашето обраќање до Вас ќе го направиме на нашиот јазик.

За Ваша информација, ние воопшто не Ве разбираме Вас и Вашите писанија во форма на Решенија за лустрација. Ги добиваме Вашитe Решенија со кои не’ лустрирате по втор пат. Се чудиме како можевте толку брзо да ги добиете пресудите од Вишиот управен суд на РМ? Каде го има тоа суд да донесе пресуда, а Вие Господине А.Т. да закажете седница на Комисијата за верификација на фактите во експресен рок од 5 дена? Ваква експресна достава за 5 дена, од кои 2 се неработни, никој на светот нема добиено. Или е можеби во прашање нешто друго?

Да не ги малтретираме читателите со Вашето губење во просторот кога не’ направивте 15 години постари или помлади изготвувачи на службени материјали, и пред да почнеме да работиме. Затоа ќе бидеме конкретни.

Господин А.Т., доколку имате намера некому да извршите притисок за да не’ избркаат од работа, тоа можете да го направите на друг начин. И тоа е ОК. Меѓутоа, тоа не е лустрација. Можеме да претпоставиме што се крие позади сето ова. Сметаме дека станува збор за бркање од работа на сите оние што припаѓале на поранешните структури во безбедноста, а кои не се по мерка на одредени „револуционери“. На овој начин се сака да се привлече вниманието на јавноста, да се замајува народот со петпарачки муабети, а притоа никако да не се проговори за вистината.

Кога ќе ни се овозможи да се произнесеме јавно, на суд, од се’ срце ќе Ви објасниме се’ што Ве интересира. Можеби во тие моменти ќе се потсетиме за некои актуелни збирштини кои имале одредена релација со безбедносните структури на РМ, а на кои досега влакно не им фали од главата? Тогаш ќе бидеме ослободени од превезот на чување на тајна и, како трети лица седнати отспротива на ист астал со Вас, конкретно ќе Ви кажеме кој тоа таму кодошел. Можеби ќе се „присетиме“ дека меѓу нив имало и по некој актуелен градоначалник, ректор, директор, член на управен одбор, вработен во УБК, актуелен судија или обвинител. Ама не само туку така, од памет, туку со факти.

Господине А.Т., доколку сте имале увид во нашите професионални работни досиеја, сте морале да го воочите она за што сега зборуваме. Нема шанси тоа да не сте го забележале, освен ако во нашите случаи не сте постапувале селективно, во што не сакаме да веруваме!?

Господине А.Т., едно чудо луѓе, ни криви ни должни, ги бркаат од работа заради Ваш пропуст, затоа што јавно ги објавивте нивните имиња и презимиња! Оние пак другите, кои се државјани на странски земји, ги изложивте на непријатности на контраразузнавачките служби во земјите каде живеат!

Само да знаете, применa на посебните мерки (контрола на телефони, писма, следење) се презема само кога постојат сериозни безбедносни индикатори кои укажуваат на организирани и структурирани носители на безбедносни закани по виталните државни вредности, како што се уставното уредување или територијалниот интегритет.

Сите посебни мерки беа дел од интегралниот безбедносен модел креиран да одговори на секоја безбедносна закана по виталните државни вредности. Нивното преиспитување,  Господине А.Т, е можно само низ призмата на сериозни истражувачки студии кои би ја допреле ваквата систематска изграденост на целината на тогашниот безбедносен модел.

Да не должиме, примената на посебните мерки ја иницираа оперативците поттикнати од сознанија кои укажуваа на сериозноста од постоење на безбедносни закани врз виталните вредности на државата дефинирани со уставните определби. Вакви иницијативи оперативците покренуваа и покренуваат постојано, но во натамошна постапка на одобрување истите беа проследувани само во исклучителни случаи.

Господине А.Т, постојат три животни сценарија. Првото е баналното, она во кое живее најголемиот дел од граѓаните на нашата земја. Второто е губитничкото, и Вие многу добро знаете кои се луѓето кои во моментов се наоѓаат во него. И третото, победничкотосценарио, за кое сите треба да придонесеме ако сакаме да имаме држава. Меѓу нив сте, се разбира, и Вие.

Губитничкото сценарио, Господине А.Т, има три таканаречени „драмски“ исходи: СУДНИЦА, ЛУДНИЦА И МРТОВЕЧНИЦА. Секој оној кој не верува во нив, за многу краток период ќе ги почувствува на своја кожа.

Сакаме да потенцираме дека во драмскиот исход ЛУДНИЦА постои состојба која се нарекува„драмски триаголник“ или „автосаботажа“. Тоа подразбира движење на група киборзи, или зомби, кои сакајќи првично да се претстават како спасители на народот, преминуваат во прогонители и мачители на сопствениот народ, за да на крајот завршат како негови жртви. Овој еволутивен пат има четири степени. Првиот е да почнеш да зборуваш сам со себе, вториот да се расправаш со себе, во третиот си губитник во кавгата која ја водиш со себе, за да на крајот престанеш да разговараш со себеси!

Господине А.Т, животот може да биде успешен само кога ќе се разбудиме. Но по однос на прашањето дали е нормално човек да има сопствено мислење со кое самиот не се согласува, мислиме дека е тоа и премногу комплицирана работа!

ПС: Од вкупно 120 лустрирани лица, околу 30 се од Битола, од кои половината се лустрирани по вторпат!!!

Со почит,

Неправедно лустрирани битолчани

Имињата на авторите на писмото како и нивните адреси и ЕМБГ, и’ се познати на редакцијата на „Револуционер“.