Групата Исламска држава дојде во Централна Азија, создавајќи ново жариште на закана крај јужните граници на ЗНД, пишува “Комерсант”.
Десетици загинаа во двоен напад во авганистанскиот град Џалалабад на 18 април. Одговорност за експлозиите презеде Исламска држава, чии главни сили се концентрирани во Ирак и Сирија – прв случај во Авганистан. Талибанците пак ги осудија експлозиите, потсетува весникот.
Според експертите на “Комерсант” влегувањето на борци од ИД во Авганистан може радикално да ја промени ситуацијата во Централна Азија.
До неодамна се сметаше дека земјите во авганистанскиот конфликт се две – централната власт во Кабул и талибанците. “Третата сила” – ИД, не е од вчера во Авганистан, “но претходниот претседател Хамид Карзаи упорно го негираше нејзиното постоење”, коментира политикологот Иван Сафранчук.
Кабул нагло ја промени својата позиција во однос на ИД и нејзината идеологија, откако минатиот септември на највисоката позиција во земјата беше преземена од Ашраф Гани. При посета на Вашингтон во март Гани не го премолчи присуството на ИД во Авганистан, дури стави специјален акцент врз неа. И за Барак Обама факторот ИД стана нов солиден аргумент за да се задржи во Авганистан поголем контингент од претходно планираниот, расудува експертот.
Пенетрација на ИД од Ирак и Сирија во Авганистан “создава единствен лак на нестабилност на Блискиот Исток и Централна Азија”, вели неговиот колега Владимир Сотников.
Теоретски гледано, проектот на талибанците и проектот на ИД во Авганистан не се натпреваруваат, туку се надополнуваат. Во пракса, сепак засега координација нема. Ништо чудно што Талибанците се разграничија од терористичкиот напад во Џалалабад, вели Сафранчук.
Според него, “проектот на талибанското движење” во Авганистан може да претрпи промени – умерените талибанци да се интегрираат во политичкиот процес, а радикалите да преминат во ИД. Така групата ќе стане предизвик не само за Централна Азија, туку и за јужноазиските држави – Пакистан, Индија и Бангладеш.
Освен тоа трансформацијата на талибанскиот проект во Авганистан и Пакистан во глобален проект под покровителство на ИД носи принципиелно нова закана како за Русија, така и за нејзините партнери во Организацијата на Договорот за колективна безбедност – ОДКС.
Глобалната терористичка интернационала се приближува до границите на ЗНД, предупредува “Комерсант”.
