Новиот Windows 10 ќе биде достапен кон крајот на јули годинава, најави извршниот директор на AMD Лиза Су, цитиранa од онлајн изданието The Verge. Су го објави ова за време на разговор со аналитичари и инвеститори. Таа сподели дека оперативниот систем може да доведе до мало задоцнување во испораката на компјутери за есенската сезона.
“Windows 10 ќе биде достапен кон крајот на јули и ги гледаме последиците за есенската сезона. Очекуваме да има мало задоцнување во собирањето на доволен инвентар”, коментира Су.
Досега Microsoft не дал официјален датум за достапноста на Windows 10. Компанијата најави само дека новиот оперативен систем ќе се нуди од ова лето. Крајот на јули дефинитивно се совпаѓа со овој рок. Сепак Су може да имала предвид дека тогаш ќе почнат испораките на софтверот за производителите на компјутери, а самата платформа ќе биде достапна за корисниците подоцна.
На крајот на овој месец компанијата ќе ја одржи својата годишна конференција за програмери, на која се очекува да претстави уште од новините во Windows 10 и евентуално официјалниот датум на лансирање.