Барак Обама изјави дека ја презема целосната одговорност за антитерористичката операција на САД во јануари во граничен регион меѓу Пакистан и Авганистан, во која случајно загинаа Американец и Италијанец, држени како заложници од Ал Каеда, пренесоа американските медиуми.
Во специјалната изјава за случајот претседателот изрази длабоко жалење за смртта на Ворен Вајнстин и Џовани Ло Порто. Според зборовите на Обама мисијата била целосно компатибилна со правилата за вршење на антитерористичка мисија во овој регион. Тој додаде дека немало достапни информации дека заложниците престојуваат во објект на Ал Каеда.

Претходно денеска во писмена порака Белата куќа објави дека истата операција во која беа убиени Вајнстин и Порто, загинал и американскиот државјанин Ахмед Фарук, локален лидер на Ал Каеда, а при друга операција на САД во јануари бил убиен уште еден американски државјанин со име Адам Гадан, кој работел како преведувач за терористичката мрежа. Во соопштението на Белата куќа не прецизира како се извршени операциите.
АП го цитира неименуван извор од владата во Вашингтон, според кого двете операции на 14 и 19 јануари биле воздушни напади, нанесени од беспилотни летала.
Ројтерс потсетува дека Ворен Вајнстин беше киднапиран во Лахоре, Пакистан во 2011 година, додека бил на работа за американска консултантска фирма. Ал Каеда се обидувала да го размени против нејзини членови, држени во затвори во САД. Во мај 2012 и декември 2013 година биле распространети видеа во кои Американецот го моли Обама да му помогне и се жали дека страда од срцева болест и астма.
Според италијанските медиуми Џовани Ло Порто, роден во Палермо, Сицилија, бил киднапиран на 19 јануари 2012 година, три дена по пристигнувањето во Пакистан. Таму би требало да работи за германска компанија за изградба на станови за жртви од поплавите во 2010 година. Заедно со Порто бил киднапиран уште еден човек, кој бил чуван на друго место и ослободен од германски командоси во октомври 2014 година