Обраќање на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Охрид

од Vladimir Zorba
154 прегледи

Интегрално обраќање на Никола Груевски на митингот во Охрид

gruevski-ohrid

Скопје, 25 април 2015

Добар ден Охрид, градот кој е гордост за Македонија, по кој ја препознаваат нашата држава, симбол на нашата култура, историја и идентитет,

Добар ден наши пријатели и поддржувачи,

Неодамна овде опозицијата си имаше еден настан, мораа, има наредил овој што сам за себе си збори дека го зел Господ т.е го црпнал од нива и го донел да ја ослободи Македонија, мислам што да прават луѓето, морале да го послушаат, на крај на краиштата кој сака со Господ да се закача. И така си објавуваа работи кои си ги сецкале, монтирале, нормално давајќи им некаков контекст со бомбастична најава која нема никаква врска со реалноста и беа горди што завршиле голема работа. И тоа не е за џабе што овој токму во Охрид го објави тоа со Господ, човекот е суеверен, и има доста цркви низ градов и си рекол, право место да си ја пласирам ја оваа теза за себе, дека господ ме има црпнато од нивата во Муртино, луѓево во Охрид се големи верници и може ќе поверуваат. Настрана тоа што веројатно, скраја било, тој самиот си верува во тоа.

Всушност не знае човек што е полошо, почудно и поналудничаво, така намерно да пласира сакајќи да убеди некого во тоа и притоа тоа да го прави од политички лукративни причини да привлече гласови на база на тоа, дека е пратен од Господ или стварно да мисли самиот за себе дека Господ го пратил него од нивните во Муртино да ја ослободува Македонија. Но ова би го оставил на стручни лица и аналитичари да го толкуваат, јас не сум најстручен во тие области.

Многу чудно да ви кажам сето ова, ги гледам овие низ Македонија нивните претседатели на организации, во најавата, во дикцијата, во наративот на тоа што го кажуваат, абе плукнати на нивниот лидер, исти сиромашките, толку сакаат да го имитираат, што е просто неверојатно, или мораат кутрите зашто си викаат сигурно овој нашиов со Господ е на линија и сто посто ако сме како него може и нас да не црпне од кафаниве по Охрид, на пример од Летница или стар Чинар и да не лансира негде, нешто јако да станеме. Па во право се луѓево од локалнава на СДСМ, си викаат ако овој стана лидер на опозиција, за нас лимитот е многу повисок, и сигурно циљаат на местото на Бан Ки Мун или во најмала рака на Јункер во комисијата.

Тие претходните повеќе Бранко си го имитираа, ама овие новиве имаат нов модел, нов идол. Зоран Заев. Е сега Бранко им ги помати сметките пред некој ден, се јави нели, и гарант си викаат, а што ако и Бранко е пратен од Господ, па им внесе мала дилема, ама ќе им се разбистри за кратко, кога ќе си дојдат бранковистите и ќе им кажат, абе како не разбравте досега дека Бранко е всушност Господ. Тој го црпна овој од нива и го пушти слободно вака да си ја ослободува Македонија. Бранко го црпна од нива. Претходно добро го подготви, и го лансираше во ѕвездите.

Тоа е Бранко кога ќе те лансира, лансирано е, ѕвезда си. Можам да замислам како непријатно изгледало ова пиењето кафе меѓу Заев и Бранко, кое Бранко не го ни спомна, а Заев растреперен од радост и восклик го кажа на прес конференција. Пиевме кафе со Бранко. И громогласен аплауз поле тоа.

Многу понижувачки да ви кажам право да му е незгодно на човек да гледа.

Можам само да замислам како Бранко му зборел на овој, браво Зоки, само напред, продолжи вака, многу си храбар, всушност ваква храброст досега не сум видел, чудо од храброст, потоа продолжил сигурно, и не само што си храбар, туку си и многу паметен знаеш, мене ова не би ми текнало, вака да терам, генијалец си, и голем патриот си, тоа е тој разговор што на една таква дистанца го прават овој што го донесе, што го црпна од нивата и самиот Зоран Заев стварно патриотски тераш, и грците, а и едни други се целосно убедени во тоа, само продолжи вака.

И на крај му рекол сигурно, те слушнав ова за Господ што го кажа, искрено и јас мислам така, ти си од Господ пратен. И сигурно се поднасмеал малку. А Заев гордо потскокнувал околу него.

Еве во знак на благодарност, ладата ти ја давам.

Абе шефе ама не знам да возам баш, му вика Заев. А Бранко му вели, не е важно што не знаеш да возиш, Господ те пратил тебе, не мора да знаеш, важно е дека си многу паметен, влези запали ја колата, и тргни и терај, па само ќе ти дојде после возењето, зашто си паметен многу.

И овој така весел си излезе на пресконференција и продолжи со својата лента и нормално се пофали дека се видел со Бранко, пиеле кафе во штаб.

Каква мизерија не ми се верува. Ај едниов што е марионета во сценариово, ќе си рече човек толку му сече, нека се радува, ама другиов што пробува да се претстави како некој нов да е, како да не го познаваме, демек сега се појавил во политиката, како да не го паметиме, како да не знаеме кој е и што прави и што правеше, кој бил и што дела правел во минатото, е тоа не ми се верува вака кога го гледам и слушам.

Но како и да е, овие од нивните општински, јако пробуваат да ги имитираат и тоа е па најсмешниот дел во сета оваа трагикомедија, која ја спроведува СДСМ.

Е драги мои, овие луѓе кои неодамна имаа настан овде се од таа истата опозиција која го заглави Охрид со над 50 милиони евра долгови од кои глава не можеме да кренеме веќе две години овдека во Охрид. Долг кој го враќа локалната самоуправа и досега долгот е намален за 3 милиони евра, а исплатени се над 8 милиони евра разни камати.

Е тоа е истата опозиција која го удави Охрид во криминалии, во перење пари, во незаконски набавки и договори, истата опозиција која шуруваше со подземјето, чии експоненти со нога ја отвораа вратата на градоначалникот, го киднапираа и третираа како измеќар, град во кој избори на СДСМ истите тие од подземјето му ги добиваа со купување гласови, со притисоци и закани кон граѓаните од сите заедници, а за возврат добиваа тендери и бизниси со општината, си креираа и договараа задолжувања и на најбрутален и безобразен начин го клекнаа Охрид на колена со 50 милиобни евра долг. Изност кој што е голем за државата а камоли за еден град како Охрид.

Е тие луѓе сакаат охриѓани да заборават. Да заборават на сите криминалии и глупости на поранешниот градоначалник, на сите тие ликови кои го третираа Охрид како нивна приватна своина која треба да ја раскрчмат и ограбат.

Но, Охрид не само што не заборава, Охрид враќа, и затоа на изборите ВМРО–ДПМНЕ и коалицијата победи со толку голема разлика, затоа во два изборни циклуси по ред, разликата во гласови е толку голема што не можат да најдат ниту еден единствен, ниту меѓу нивните, кои би им поверувал дека сме победиле заради нешто друго отколку заради вистината, а тоа е поддршката од народот.

Охриѓани враќаат и тоа така треба. И ние сме свесни за тоа. Како што сме свесни и за очекувањата кои Охриѓани ги имаа од нас и од градоначалникот, очекувања кои беа доста високи, и со право високи.

Охрид заслужува повеќе, и ние навистина правиме максимум колку што можеме да помогнеме во повеќе области каде тоа е возможно во оваа исклучително комплицирана ситуација во којашто поранешното раководство го остави градот.

Свесен сум дека има доста проблеми, свесен сум за секојдневието во Охрид, знам најизворно за вашите проблеми и знам дека мора да направиме нешто повеќе. Неодамна повторно во мојот кабинет беше градоначалникот на Охрид и повторно ги дискутиравме сите оние важни теми за Охрид, тоа беше пред околу недела две, каде што проект по проект повторно дискутиравме што можеме во една ваква комплицирана ситуација да извлечеме и да направиме за Охрид и за охриѓани. Иако и досега направивме многу нешта.

Во овој регион во август 2014 година ја започнавме изградбата на ТИРЗ Струга- Охрид, на површина од 30 хектари. Зоната во која инвестираме околу 5 милиони и која директно допринесува за привлекување на странски инвестиции и отворање на нови работни места за граѓаните, инфраструктурно е во финална фаза и веќе летово ќе биде оперативна и ќе почнат да се градат првите фабрики во неа!

Првата фабрика која ќе почне да се гради во неа е на германската компанија од автомобилската индустрија ОДВ Електрик, која веќе најави инвестиција во оваа зона во висина од 15 милиони евра и планирани 1000 нови работни места за Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани и пошироко. Оваа компанија која ќе произведува жичани инсталации за автомобилската индустрија веќе работи во браунфилд хала и вработи 60 лица, а до крајот на овој месец ќе го комплетира и вториот инвестициски циклус за набавка на опрема. Денес сакам да најавам дека ОДЊ Електрик во јуни започнува и со изградба на својот гринфилд објект, значи нов објект, во зоната кој треба да биде готов во првите месеци од 2016 година. Сакам да истакнам уште нешто, а тоа е дека додека оваа фабрика биде изградена, во браунфилдот во кој веќе се работи, бројката на вработени од 60 лица ќе се зголеми за 2 до 3 пати што значи стотина нови вработувања во компанијата до крајот на годината во времето додека им се гради новата фабрика во зоната!

Втора, исклучително важна инвестиција за овој регион е од германска компанија од автомобилската индустрија – Костал. Костал ќе инвестира 80 милиони евра во неколку години и планира да вработи 1000 граѓани од овој регион како директни вработувања, плус нели индиректни вработувања. Оваа компанија најдоцна на почетокот на 2016 година почнува со градба на фабриката која треба да биде готова до крајот на следната година. Но сакам да истакнам една позитивна вест, Костал најдоцна наесен ќе започне со работа во браунфилд хала во некоја постоечка хала и ќе почне да ги реализира и првите вработувања, кои додека се изгради гринфилд капацитетот ќе достигне околу 200 нови работни места, а подоцна ќе продолжат во новата фабрика до 1000 нови работни места!

Тоа се две огромни фабрики во охридско-струшко кои дури работат во браунфилд халите ќе вработат 300 до 400 работници, а кога ќе станат оперативни со изградени нови објекти ќе вработат најмалку 2000 директни нови вработувања. Тоа го ветивме на изборите и тоа почнува да се реализира!

Вработувања и фабрики ќе има и во Кичево! Американската компанија Ки Сејфти Системс која произведува воздушни перничиња за автомобилската индустрија веќе објави одлука да инвестира 20 милиони долари во Кичево и да реализира 1000 нови вработувања. Оваа компанија веќе ги започна подготвителните работи за изградба на својата фабрика во кичевската зона и оваа фабрика се очекува да биде завршена до крајот на оваа година. Она што е битно и сакам да го истакнам е дека моментално и оваа компанијата работи во браунфилд халата и има веќе 60 вработувања, а до крајот на годината додека работат таму и додека стане оперативна новата фабрика, ќе се вработат уште 250 работници, 250 нови вработувања за Кичево и кичевско до крајот на годината, а кога фабриката ќе стане оперативна тој број ќе дојде до 1000 работници!

Три фабрики во овој реон и над 3000 нови работни места за овој регион! Тоа се конкретни резултати од нашата работа! Тоа е ВМРО-ДПМНЕ! Инвестициите, фабриките, работните места, не доаѓаат туку така, не паѓаат од небо, не доаѓаат случајно. Доаѓаат со многу труд, со многу работа со многу подготовки , со многу упорност.

Кога сме кај инвестиците би сакал да додадам и уште една новост, а тоа е дека: Британската компанија од областа на медицинската индустрија Дејвид Томас Медикл на која работеше министерот Горан Мицковски, донесе и објави деновиве на својата веб страна одлука за инвестиција во Република Македонија со веќе постоечка македонска компанија, кои предвидуваат производство на помошни медицински производи и вработување на почетокот на 50 високообразовани инжињери, а потоа ќе ја шират својата област!

Силно сме фокусирани на инвестициите во патната инфраструктура која во овој регион е од огромно значење за граѓаните и компаниите, но и за туристичкиот развој, изминативе години направивме сериозни инвестиции и реализиравме голем број на проекти.

Минатата година отпочнавме со изградбата на автопатската делница Кичево – Охрид во должина од 57 километри. Проект кој согласно утврдениот рок за градба ќе биде целосно реализиран до јануари 2018 година. Капитален проект за целиот регион и за Република Македонија која за секој реален човек ќе значи позитивна работа. Проект на кој во огромен дел работат македонски работници и македонски компании. Проект кој еден мал дел на луѓе пробуваат да го извалкаат, не за друго, туку од едноставна причина што ние го градиме овој автопат, што тие само го говореа, а никогаш ништо не направија. Бидејќи нивниот гнев и нивната омраза потекнуваат од тоа зошто ние реализираме капитални проекти и создаваме дела и со тоа се гледа нивното неработење во минатото. Со нашите проекти кои значат за секој граѓанин на нашата држава тие практично дополнително се разобличуваат во нивното неработење и безидејност.

Автопатот Кичево – Охрид ќе биде дополнет и со уште еден капитален проект на кој посветено со години работиме, а тоа е изградба на автопат Гостивар – Кичево, кој ќе значи поврзување на автопатот Скопје-Гостивар и новиот автопат Кичево – Охрид. Денес сакам да најавам дека како што кажавме така и на правиме. На минатата седница на Владата, сега во вторникот веќе ја усвоивме физибилити студијата за овој проект и ја донесовме и одлуката за почеток на постапката за изградба на автопатот Гостивар – Кичево преку концесија, а набрзо ќе ја биде објавен и повикот за избор на концесионер кој ќе ја гради оваа автопатска делница која ќе биде во должина од 47 километри и со која Скопје и Охрид ќе бидат целосно поврзани со автопат. Планот е некаде во мај да излезе овој оглас за изнаоѓње на концесионер.

Во регионов за реконструкција на регионалниот патен правец Струга – Дебар изминативе години инвестиравме околу 10 милиони евра за 50 километри, а на кој во месец мај почнуваме со поставување на нова сообраќајна сигнализација и опрема од околу 100 илјади евра.

Во делот на реконструирање и модернизација на регионалните и локалните патни правци изминативе неколку години во овој регион реализиравме повеќе од 40 проекти, за повеќе од 80 километри патни правци, за кои се инвестирани повеќе од 5,5 милиони евра, од кои само во Охрид се инвестирани околу 1,5 милиони евра за 19 километри локална и регионална патна мрежа.

И ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на инфраструктурата и ние од централната власт и градоначалникот.

Веќе работиме на докомплетирање на проектна документација за изградба на автопатската делница Требениште – Струга во должина од 8,5 километри, по што во првата половина на 2016 година ќе започнеме и со отпочнување на градежни активности во висина од околу 45 милиони евра на почетокот на правата половина на 2016 ќе започне градбата и на овој автопат.

Во јуни/јули започнуваме со градежни работи за модернизација и рехабилитација и на влезот и излезот на Кичево, и транзитниот пат низ Кичево кој ќе биде унапреден, како и за рехабилитацијата на регионалниот пат Струга- Дрслајца -Биџова- Татеши, што ќе продолжи и во наредната година, за што ќе бидат инвестирани околу 600 илјади евра.

Многу значајна инвестиција за овој регион е и изградбата на експресниот пат Охрид- Пештани, во должина од 14,5 километри и инвестиција од околу 60 милиони евра. Интензивно работиме на овој проект, и со цел да се спречат сите грижи околу еколошките стандарди со ЕБРД договоривме изработка на еколошка студија која ќе ги утврди точните параметри на патот. Сакам да најавам дека со таа еколошка студија која ќе обезбеди еколошка оддржливост согласно сите процедури и стандарди, веќе наесен очекуваме и распишување на постапка за избор на изведувач на градежни работи и ако се е во ред согласно планот до крајот на годината ќе започнеме и со изградба на оваа значајна патна делница која што ќе биде од корист за охриѓани, но и за развој на турзимот во Охрид и овој регионот.

Во сегментот на водоснабдувањето и одведувањето на отпадните води во регионот инвестираме повеќе од 2,5 милион евра, во Охрид санирани се каналите Билјанини извори и Св. Наум, во тек е изградба на водовод и фекална канализација за местото Лескоец, се изгради фекална канализација за населено место Подмоље, се изградија пумпни станици во Пештани и Елешец за системот за заштита на Охридско Езеро од отпадни и загадени води и отпочна постапката за изградба на регионален колектор за одведување на отпадни води во Мешеишта во вредност на инвестицијата од околу половина милион евра.

Резултатите од нашата работа за подобрување на целокупната инфраструктура, тука во Охрид се видливи и преку реконструираниот и целосно модернизираниот аеродром Свети Апостол Павле со инвестирани 10 милиони евра, со реконструирани писти, со изградени нов ВИП објект, реновирани објекти во карго центарот, обновен паркинг, нова опрема и возила. Секој странец кога доаѓа во Охрид својот престој го започнува со позитивни импресии и прв позитивен впечаток. А првиот впечаток никогаш не се стекнува по втор пат.

За развој на туризмот создадовме можност за изградба на хотели на земјиште кое се продава по едно евро за метар квадратен, овозможивме поволни кредитни линии за туризмот, континуирано го рекламираме нашиот туристички потенцијал во странските медиуми тргнувајќи од CNN па се до многу други телевизии и весници во меѓународната јавност, а со политиката на субвенционирање на тур оператори и нискобуџетни авионски линии, се вратија странските туристи во Охрид и Македонија на голема врата.

Работиме на уредување на плажите, веќе се изготвени идејни решенија и во моментот се врши проектирање на истите.

Веќе е објавен повик за уредување на 500 метри плажа на Лагадин, во која ќе инвестираме 75 милиони денари и која треба да биде готова во наредните неколку месеци некаде на крајот на ова лето. Ќе се уредува и 150 метри плажа во Дебарца, а рокот за изработка на документацијата е до крај на јули. Во Дебарца ќе се гради и патека покрај езерото, а рокот за доставување на понуди за градба е во првата половина на мај.

Туризмот на годишно ниво со над 1 милион евра го помагаме и со субвенции за тур-операторите за привлекување на странски туристи кои важат за над 15 земји од светот. Тука секако е и проектот за финансиска поддршка на евтините авиолетови, со кој набрзо кој како што спомна и градоначалникоти Охрид ќе добие две евтини авио линии до европски метрополи. Линијата Охрид- Базел стартува летово, а во соработка со општината летово започнува и реализацијата на авио линијата Охрид- Лондон со која ќе пристигаат и многу англиски туристи.

Изминативе осум години, бројот на туристи е зголемен за повеќе од 40% а вкупното зголемување во туризмот (ноќевања и странски туристи) изнесува речиси 100 % најпрецизно, 98%.

Во овој регион се видливи и нашите инвестиции во здравството и подобрувањето на квалитетот на здравствените услуги.

Во Охрид и регионот за инвестиции во здравството, изградба на објекти, и набавка нова современа опрема вложуваме околу 11 милиони евра, од кој само во Охрид околу 6.5 милиони евра, со кои меѓудругото извршивме комплетна реконструкција и адаптација во Општата болница Охрид, извршена е и набавка на современи апарати за компјутерска томографија, најсовремени ЕХО апарати, апарати за анестезија, гастро кабинети, инкубатори и друга медицинска опрема. Во постапка е набавка на 6 нови мамографи од кои еден ќе биде лоциран овде во болницата во Охрид.

Обезбеден е и нов апарат за компјутерска томографија и во тек е постапката за набавка на дигитален рендген апарат за специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“.

Денес сакам да објавам дека ќе се отпочне со проект за целосна реконструкција, адаптација и доградба на објектот на оваа болница за што ќе бидат инвестирани околу 3.5 милиони евра. Во фаза е изработка на основен проект, а почетокот на првата фаза од градежните работи ќе започне наредната година.

Исто така она што е значајно за овој регион е изградбата на новата болница во Кичево која е во тек. Проект со кој Кичево и регионот ќе добие нова современа општа болница со цел задоволување на потребите на над 80.000 жители, од огромно значење за жителите на Кичево и кичевско. Се реализира првата фаза, а денес можам да објавам дека до крајот на оваа година ќе се отпочне со реализација на втората фаза која комплетно треба да заврши кон крајот на 2016 година, проект во вредност од над 3 милиони евра. Во овој регион во здравството изминатите години се вработија 157 лица, од кој 71 доктори. За подобрување на здравствената заштита и услуги во руралните средини овозможивме отворање на 8 нови рурални аптеки, а проектот рурален доктор се спроведува во 16 населени места во општината Дебарца.

Образованието продолжува да биде нашиот фокус, тоа е нашата гаранција за создавање на здрави генерации и сигурна иднина. Во целиот овој регион се инвестирани 6 милиони евра за изградба на училишта, нивна реконструкција и доопремување. Изградени се 6 нови училишта, а реконструирани и модернизирани се објектите на 41 училиште, од кои само во Охрид извршена е реконструкција на 11 училишта. Охрид повторно е универзитетски центар со формирањето на универзитетот св. Апостол Павле и подготовката за неговото преселување во просториите во касарните кои се адаптираа и реконструираат ќе му даде една нова димензија.

Во областа на спортот во Охрид и регионот се инвестирани 2 милиони евра за изградба на спортски сали и спортски терени. Денес сакам да најавам дека наскро ќе започне реализација на еден долгоочекуван проект за Охрид и Охриѓани, а тоа е изградба на затворен базен, проект кој вреди 5 милиони евра и ќе започне со реализација во наредните неколку месеци. Објектот ќе се простира на површина од 15 илјади м2, со предвидени трибини и над 500 седишта, со димензии на базенот од 33 на 22 метри. Со ова по долги години искчекување Охрид и охриѓани се разбира и туристите кои доаѓаат ќе добијат затворен базен во чии рамки ќе има и деловен простор. Јавниот повик за изведувач за овој проект ќе излезе следниот месец и со тоа започнува процедурата за градба на охридскиот базент .

Една од нашите клучни цели е намалување на невработеноста. Во овој регион бројот на невработени во 2007 изнесуваше 29 610 лица, а оваа година тој број е намален и изнесува 21 872 лица. Од 2007-ма до сега во Охрид и регионот имаме забележано намалување на невработеноста за 8000 лица од 29 000 на 21 000, при тоа само со активните мерки за вработување се вработија 1500 лица.

Со проектот за отпис на долгови досега се отпишани долгови во висина од 10 милиони денари на 300 семејства. Проектот за бесплатна бања досега го искористија 2600 пензионери, од кој само оваа година 400, а со проектот за бесплатен туристички викенд се опфатени над 200 пензионери.

За земјоделците од овој регион изминативе години исплативме над 15 милиони евра за субвенции. Оваа година земјоделците од целиот овој регион ќе им бидат исплатени повеќе од 2.5 милиони евра за субвенции.

Почитувани, продолжуваме понатаму, со други планови и со идеи кои ги развиваме за тоа како да му се помогне на Охрид и на целиот регион.

Сакам за крај да објавам уште три работи.

– Прво, Сакам да ве известам дека на последната седница на Владата, се усвоија измените на Законот за работни односи со кој се овозможува продолжување на платеното породилно отсуство, за мајките кој ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш, од 12 месеци на 15 месеци, оваа мерка која ја најавивме пред 7 дена, веќе во вторникот е преточена и помина на Влада како законска измена и веќе се наоѓа во Собранието. Така работиме ние, најавуваме и брза реализација.
– Второ, Со цел да им помогнеме на компаниите, на македонските стопанственици, малите бизниси, земјоделците, трговците и на сите вработени и самовработени лица , ќе воведеме законска можност за плаќање на неплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување на рати, најмногу до 24 месеци, и ќе воведеме законска можност за ослободување од камата доколку се платат заостанатите придонеси за пензиско и инвалидско осигурување. Тука предвидуваме значителни олеснувања во две ситуации:

1. 1.На оние што имаат долг по основ на неплатени придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во период до 31.12.2008 година, ќе им овозможиме да го платат долгот на рати и тоа на најмногу до 24 месеци во зависност од висината на долгот , а исто така ќе бидат и целосно ослободени од плаќање на камата за неплатените придонеси до крајот на 2008 година. Ова е значајно ослободување. Компаниите знаат што значи тоа.
2. Доколку пак некој има долг по основ на неплатени придонеси од пензиско и инвалидско осигурување во периодот од 01.01.2009 до 31.12. 2014 , со закон ќе овозможиме да го плати главниот долг , долгот по основ на неплатени придонеси од пензиско осигурување на 12 или на 24 месечни рати. При што ако го плати на 12 рати во период од 12 месеци ќе биде ослободен од 70% од каматата, а пак доколку го плати долгот на 24 рати ќе биде ослободен од плаќање на 50% од каматата. Со обзир дека од 2009-та имаме интегрирана наплата заснована на бруто плата, ова ќе помогне за фирми кои одреден период заради тешкотии особено во времето на кризата воопшто не исплаќале плата, па следствено на тоа ни придонеси.

Ова е огромно, значително олеснување за приватниот сектор, за секое правно лице, за секој трговец, за секој индивидуален земјоделец, за секој вработен таму, за секој мал голем или среден бизнис, за сите оние кои биле погодени од светската економска и европската должничка криза, и кој поради тоа западнале во неволја и не можеле да ги платат придонесите за себе и своите вработени.

– Трето, нова поволна мерка за бизнис секторот особено за делот на малиот и среден бизнис која ќе значи значително олеснување на работата и намалување на трошоците.

Со измените и дополнувањата на Законот за архивско работење кој го усвоивме на Влада ќе се изврши поедноставување на канцелариското и архивското работење за приватните субјекти, односно:
1. Физичките лица и правните лица од приватниот сектор со помалку од 50 вработени ќе бидат ослободени од законската обврска за водење на канцелариско и архивско работење согласно одредбите од овој закон. Сите физички лица, трговци поединци, занаетчии, друштва со ограничена одговорност и други правни лица кои имаат до 49 вработени во иднина ќе немаат никаква обврска за водење на евиденција, ниту пак да вршат архивирање согласно одредбите од Законот за архивски материјал. Единствена обврска ќе биде да се архивира материјалот кој е од трајна вредност за Република Македонија, науката и културата, при што Државниот архив ќе треба да утврди кои се иматели и кои документи спаѓаат во приватен архивски материјал кој треба да се архивира, тоа е големо олесновање за стотици и илјадници фирми во Македонија.
2. Правните лица со 50 и повеќе вработени ќе имаат обврска да водат единствено основна евиденција. При тоа законот дава можност самите да утврдат која евиденција ќе ја водат, односно можат наместо деловодник да водат своја евиденција која веќе им е воспоставена, а исто така и основните броеви можат да ги утврдат самостојно онака како што веќе ја имаат воспоставено евиденцијата, а не задолжително да ја користат номенклатурата на државниот архив. Со тоа ќе се воспостави законски основ, приватните фирми својата електронска евиденција која веќе ја имаат воспоставено и која ја водат пред се заради свои потреби, односно за следење на текот на работата да биде правно релевантна, а не да се оптоваруваат со дополнителна евиденција за чие што водење ќе се трошат непотребно ресурси и средства.
3. Со измените на законот Државниот архив ќе биде обврзан Државниот Архив да врши електронско архивирање на архивскиот материјал.
4. Со овие измени, а како резултат разговорите со бизнис заедницата се поедноставува постапката за канцелариско и архивско работење за физичките и правните лица, односно истите се ослободуваат од разни формализми и обврски кои се воведени уште во времето на поранешна Југославија.

И конечно за денес уште една мерка би спомнал, а тоа е дека Владата размислува и прави анализа за инжинерите кои работат во секторите за информатичко комуникациски технологии (ИКТ) во државните институции да се направи зголемување на нивните плати за 30%.
Драги браќа и сестри,

Дозволете да се осврнам уште на две работи кои ја одбележаа минатава недела.

Првата е настанот во Гошинце, а втората е срамниот и монструозен чин со венецот за кој постојат сериозни сомневања дека сами си го доставија до нивни новинар за да не нападнат нас.

Првата работа е доста сериозна и бара внимателно да се третира, а втората сепак спаѓа во лудории и безобразни манипулации на опозицијата за тоа би се задржал од втор план.

Настанот во Гошинце е сериозен настан во кој учествувала група учесници, чиј идентитет веќе е познат на нашите институции и за што е известена меѓународната заедница и институциите во Косово.

Предизвици на овој план веројатно ќе продолжат, ова не смее да се става во дневно политички контекст. Ги гледам кукавичките јајца снесени од опозицијата, демек ние стоиме зад тоа и да ви кажам искрено ми се гади од таа антидржавна реторика и од целиот тој ланец на настани, што не е ни чудно што многумина ги потсетува со оној од 2001вата.

Но сакам да им порачам една работа на сите инволвирани, ова не е 2001ва, институциите ќе делуваат решително и одлучно во рамки на своите надлежности, а потпалувачите од 5тата колона треба максимално одговорно да се постават во случајов зашто ова веќе не е дневна политика и нивните глупости, напади, закани, клевети и однесувања за овој случај имаат еден друг контекст. Ова е сериозна работа и во прашање е државата.

Изјавите на лидерот на опозицијата на неговата последна прес конференција во врска со овој настан ќе ги земам како израз на неговиот капацитет, но и неинформираност и ќе апелирам на воздржаност, ако воопшто е можна кај овие луѓе, затоа што воопшто не е наивна ова работа и без разлика на личните моменти, омразата која ја имаат, фрустрации, комплекси кај опозицијата, за ова замолувам да се воздржат од шпекулации и да се надминат.

За венецот на новинарот можам да кажам само една реченица. Така провидно и монструозно е тоа што самите си го направија да човек може само да замисли на што уште се спремни овие луѓе.

Па уште глумат демек љути се, па носат венец во Владата, па Заев држи прес за медиуми, па завршува дека ќе имало венец на слободата и слично. И после ајде сите актери на частење во СОРОС …по наградата нивна.
Каква мизерија од луѓе.

Драги браќа и сестри,

Македонија е градена низ предизвици и искушенија, низ една долга историја.

Се наоѓаме во такви времиња и ние и нашата генерација и ја имаме одговорноста да опстоиме во нашата битка за подобра и просперитетна Македонија со повеќе можности за идните генерации!

Дневната битка со овие на кои којзнае што се може да им падне на памет, ние на крај ќе ја добиеме, и тоа по истиот принцип по кој Касиус Клеј ги добиваше мечовите. Со нокаут и тоа во ситуација во која противникот мисли дека овој само што не паднал.

Јас сум во тоа сигурен и воопшто не е тоа прашање на дилема.

Ние имаме една многу поважна работа. Да не дозволиме на тие што го искреираа ова сценарио да успеат во намерите за дестабилизација и уназадување на Македонија, а притоа да опстоиме на агендата за инвестиции и проекти кои треба да носат нови работни места и подобар живот за нашите сограѓани како и нашиот трасиран пат за ЕУ и НАТО. Тоа е нашата врвна цел и наша агенда.
И ние тоа знаеме и можеме да го направиме.
Со работа, со труд, со посветеност, со внимателност и мудрост, и со љубов кон татковината.

Како што му доликува на ВМРО-ДПМНЕ!

Мене ми е јасно дека нашата база и нашите поддржувачи чекаат сигнал за да одговорат на сите провокации, на агресијата, заканите кои доаѓаат од опозицијата. И знам дека едвај чекаат да дадат ВМРОВСКИ одговор, зашто се провокативни заканите од личности кои ако го видат можниот ВМРОВСКИ одговор таков фитиљ ќе фатат, што и Папуа Нова Гвинеја ќе им се види блиску од што брзо ќе трчаат натаму. Но ние сме мудри и знаеме која ни е крајната цел. Крајна цел не ни се тие, крајната цел ни е стабилна и успешна Македонија! И за таа цел, вреди и да се истрпат овие што на глава ни се качуваат секој ден и во сопствената немоќ и фрустрации пробуваат да не испровоцираат. За Македонија вреди да се истрпи ова!

И за крај, ако ве прашаат овие од СДСМ нешто за денешниот настан, кажете им: Дојде Никола Груевски во Охрид и ви порача, ќе ве победиме! Народот е со нас! Ќе ве победиме! Ќе ве победиме така јако, што нема да сте свесни што ви се задесило! И кога победата ќе дојде, нека не се плашат, ние нема да јадеме живи луѓе, нема да се светиме, и не се закануваме, како што тие тоа го прават или како што многумина сакаат, туку ќе ве погледнеме во очи и ќе ви кажеме ова е наша заедничка држава и ние работиме за неа!

ВМРО-ДПМНЕ е вградено во темелите на оваа држава уште од своето основање и наша задача е да ја штитиме Македонија и нашиот народ, и сите граѓани кои живеат во неа, да работиме за доброто на државата и тоа ќе продолжиме да го правиме!

Да живее Охрид!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да е вечна Република Македонија!

 

ЦЕНТАР ЗА КОМУНИКАЦИИ НА ВМРО-ДПМНЕ