Кон крајот на ’90-те години од минатиот век Русија беше близу до југословенското сценарио, но успеавме да го задржиме единството и интегритетот на земјата, изјави рускиот претседател Владимир Путин на медиумскиот форум на Општорускиот народен фронт, јави ТАСС.
– Ги зачувавме единството и територијалниот интегритет на земјата и треба да сме им благодарни на обичните момчиња, војниците, кои во мошне тешки услови ги спроведуваа неопходните воени операции во Северен Кавказ, за нив треба да се каже дека со својот живот ја заштитија земјата, рече Путин.
Тој ова го изјави коментирајќи го документарниот филм „Претседател“, емитуван в неделата.
Според Путин тоа не бил „едноставен локален конфликт, туку работата е тоа што тој локален конфликт можеше реално да доведе до развој на ситуацијата во Русија според југословенското сценарио“.
– Малку остануваше до тој момент. И во тие услови кога луѓето војуваа, се бореа со меѓународен тероризам, имаа голем товар и во тие услови беше мошне тешко да се постигнат позитивни резултати, но тие го сторија тоа, рече Путин.
Тој додаде дека истовремено имало слична ситуација и во економската сфера.
Рускиот претседател меѓудругото изјави дека печатените медиуми треба да бидат зачувани, особено за повозрасните лица. Тој призна дека за печатените медиуми е тешко да му конкурираат на Интернетот и на електронските медиуми, но нагласи дека луѓето од постарата генерација традиционално купуваат весници./МИА
