Либерално-демократската партија и го честита денот на македонската полиција, 7-ми мај и и порачува дека во овие турбулентни и тешки денови за македонската демократија има историска шанса да застане на страната на народот.
„Полицијата не смее да потклекне на закани и уцени и да биде во служба на режимот. Секој припадник на македонската полиција не може да биде изедначен со оние кои наместо професионалните, ги почитуваат политичките наредби на ВМРО-ДПМНЕ и ја ’валкаат’ униформата. Паралелната и партиска полиција е сериозна закана за безбедноста на македонските граѓани. Полицијата не смее да биде вовлечена во сценарија на болни умови. Оваа власт покажа дека не му мисли добро на својот народ, туку единствено се грижи за своите позиции и заштита на нивните криминали”, се наведува во партиското соопштение.
ЛДП бара од Обвинителството на Македонија да отвори истрага за командна одговорност, за пречекорување на овластувањата и примена на прекумерна сила врз сопствениот народ, а случајот со убиството на Мартин Нешковски да биде расчистен до крај.
„Бараме одговорност и за пречекорувањето на овластувањата за сите оние припадници на полицијата кои пред само два дена брутално се однесуваа и тепаа студенти во читалната на градската библиотека ’Браќа Миладиновци’ во Скопје.
Потенцираме дека мора да биде казнет секој оној кој ги пречекорил своите овластувања, се со цел да се тргне срамот од сите оние припадници на македонската полиција кои чесно и професионално ги извршуваат своите работни задачи”, сметаат во ЛДП.
