ВМРО-Народна партија е крајно загрижена од тешката политичка криза во која е вовлечена Р.Македонија, и според она што деновиве го видовме пред Владата каде што протестот ескалираше во насилство кое многу извесно можеше да заврши уште потрагично, не дај Боже и со губење на некој млад живот. Ваквата кризна ситуација е предизвикана од екстремно спротиставените ставови на двете најголеми политички партии околу решавањето на кризата и што е уште по загрижувачки немањето потготвеност од било која страна за договор. Строго придржувајќи се на своите партиски ставови, политиката која ја водат наликува на покер партија која е недозволива бидејќи влогот е премногу голем а тоа е судбината на Република Македонија и иднината на нејзините граѓани.
ВМРО-Народна партија предлага одржување на итна собраниска седница од затворен тип на која ќе присуствуваат сите избрани пратеници од власта и опозицијата, амбасадори во Р.Македонија и претставници на ЕУ, НАТО и ОБСЕ, како и главните уредници на пишаните и електронските медиуми. На седницата да се презентираат материјалите кои опозицијата има намера да ги објави во јавноста и да се оцени дали содржината на тие материјали може да биде опасна по општата безбедност на државата. Доколку материјалите го потврдуваат ова на седницата да се донесе заклучок со општ консензус за мирно разрешување на кризата. Легитимноста што произлегува од уставната положба на Собранието ќе гарантира безрезервно придржување кон заклучоците од сите страни, а присуството на меѓународната заедница ќе даде силен поттик на нашата искрена определба кон евро-атланските интеграции бидејќи на лице место ќе се увери во нашите искрени определби.
Секако, еднократното присуство на опозицијата на оваа затворена седница во никој случај не би значело прекин на бојкотот и целосно вклучување во работата на Собранието, туку знак на добра волја да се надмине тешката политичка криза во земјата. Исто така сите треба да ги почитуваат одредбите од тајноста на затворената седница доколку се определат да не се објавуваат содржината на материјалите.
ВМРО-Народна партија смета дека ваквиот предлог е добитна комбинација за двете политички партии и ќе претставува почеток за мирно разрешување на политичката криза и отворање на перспективите за евро-атланска интеграција на Р. Македонија.
