Либералната партија упатува длабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили и до припадниците на Полицијата и ги повикува граѓаните на смиреност во овие моменти на длабока тага и зголемени тензии.
„Очигледно е дека во пресметката со оружената група, гинат припадници на безбедносните сили од различни етнички припадности.
Збунетоста што ја покажува Владата сега се пренесува меѓу граѓаните. Додека владините извори молчеа за активностите и состојбата во Куманово, граѓаните се информираа од странски медиуми.
Овој крвав викенд мора добро да се истражи и да се утврди кои се виновниците и кој мора да понесе лична и политичка одговорност.
Фактот што дојде до ова укажува дека нашата Влада и нејзините органи се отсечени од светот. Тие немаат можност да добијат вистинска информација во вистинско време за ваква ситуација ниту од соседите, ниту од меѓународната заедница. Затоа, безбедносните органи се изложени на невозможна ситуација да испланираат и изведат мерки за спречување на вакви настани или да се справат со нив без жртви.
Ситуацијата е алармантна, бидејќи ако оваа Влада остане, можно е повторување на вакви настани на повеќе места со поголеми последици„
Либералната партија смета дека премиерот Груевски веднаш треба да поднесе оставка и ги повикува претседателот на Републиката и на Собранието, итно да отворат постапка, во консултации со политичките партии, за формирање концентрациона Влада.
Низ постапката треба да се утврди структурата на прашањата што таа Влада треба да ги решава, формата како таа да биде составена и каква поддршка и е потребна за да може да ги изврши сите потребни задачи Македонија и безбедносно и политички да стане стабилна земја.
Основна поука од случувањата во Куманово е фактот што и во Куманово и ширум Македонија, Македонците и Албанците се на иста страна и заедно сакаат оваа криза брзо да заврши без нови жртви, се вели во соопштението на Либералната партија
