Сите вие луѓе, пријатели, мои блиски, кои им ја дадовте силата и вашиот амин на овие криминалци, кои и после сето ова што го слушнавте и видовте сеуште продолжувате со вашата подршка, или ќутите или зборувате за глупости додека убиваат невини луѓе и деца, не се чудете ако утре не ќе можам да ве погледнам во лице ниту пак да стојам долго во ваше присуство. Не дека ви замерувам. Најпосле сватив. Вие сте само слаби души. Опортунисти. Себични. Клептомани, со парите и луксузот како единствена цел во животот. Кукавици. Страшливци.
Не ви замерувам затоа што Господ ве направил такви…или домашното воспитување. Со цела душа не ви замерувам ниту пак имам зошто да ви простам или да не ви простам некогаш. Кој сум јас пак освен еден грешник како вас. Но ве замолувам не ми замерувајте кога не ќе можам да ве погледнам во очи и лице и не ќе можам да сум покрај вас затоа што кога ве гледам, ме стега во градите. Ми се превртуваат црева дури и додека го пишувам ова и мислам на вас. Ми се повраќа, ми се врти паметот затоа што во вашите лица ги гледам сите мои патњи собрани од детство.
Но нималку не се толку тешки колку болките кои ги имам кога ги гледам лицата на мајките, жените, децата на невино затворените души. Во вашите чевли гледам десетици деца, слабо облечени сред зима, во скапано смрдливо училиште без греење. Во вашите усти гледам тажни изнемоштени старци кои сеуште работат за да можат да ги платат лековите од макотрпната им работа со години и грижите како да ги нахранат децата. Гледам згазени деца, убиени, растргнати на парчиња…да, сум видел со мои очи…никогаш да ги немав видено и да не видам веќе никогаш!
Ќе ме извините и вие, најискрено, не ми замерувајте, затоа што јас сум таква душа што туѓите маки ги чувствувам како мои, а доволни ми се моите.
Простете ми!
Фејсбук статус на актерот Висар Вишка
