Досега немало волку јасно искажани пораки, а нешто кажуваше дури и начинот на кој стоеја амбасадорите, вели професорот и поранешен министер за надворешна политика Денко Малевски, коментирајќи ја вчерашната заедничка изјава на шесте амбасадори по средбата со премиерот Никола Груевски.
– Но се плашам дека во оваа фаза тие го бараат од премиерот невозможносто, имено да профункционираат институциите на начин на кој треба да функционираат, да се стави под лупа содржината на материјалите кои што се обзнанија во јавноста, што ја прави ситуацијата невозможна. Практично го повикуваат премиерот да покрене обвинение против себеси, би било добро тоа да може да се изведе, но како е тоа можно. Ова е повик за преземање на одговорноста врз себе и повлекување од политиката – вели Малевски.
Нашите институции, додава тој, се онеспособени за да преземат таква задача врз себе и логиката на која повикуваат западните амбасадори го урива системот од внатре.
– Што натаму ќе биде – вели Малевски – тешко е да се каже.
извор: Плусинфо
