Другата страна на медалот се самите медиуми кои најчесто ја преземаат задачата да ги „оцрнат“ своите колеги, а неретко и да повикуваат на насилство. По правило станува збор за интернет-портали зад кои стојат „оф-шор“ компании, за кои пак, постојат силни сомнежи дека всушност се во рацете на високи партиски и државни функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
„Истражувањето Медиа Педиа што со колегите Владо Апостолов и Сашка Цветковска го работевме речиси една година не доведе до оф-шор компании и до најблиските соработници на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков“, вели новинарката Мери Јордановска.
„Накратко, газдите на порталот и неделникот „Република“ се скриени на Белизе, газдата на порталот Нетпрес е оф-шор фирма од САД, но македонскиот газда е компанијата „Финзи“ чиј прв сопственик е фирмата НВСП – истата таа компанија во чии раце се наоѓа една регионална телевизија и радиото „Слободна Македонија“. Фирмата НВСП во бомбите на опозицијата се спомнува како фирма на чија сметка треба да легне провизијата од Израелците за набавка на опрема. Потоа следува порталот „Курир“, кој беше во рацете на братот на актуелниот министер за транспорт Владо Мисајловски, а сега сопственик е уредникот Саше Стојановски“, наведува Јордановска.
Доколку се прочепка подлабоко, вели истражувачката новинарка, неизбежен е впечатокот дека зад поголемиот број медиуми во земјава се кријат најблиските соработници на власта кои медиумите ги користат за промоција на своите цели, а за пресметка со неистомислениците.
„ Тие медиуми одамна ја имаат загубено својата основна цел – чувари на демократијата и објективно информирање на јавноста“, вели Јордановска.
Повеќе тука
