Заборавените африкански жртви на Втората светска војна

од desk3
310 прегледи

Над еден милион африкански војници се бореа во Втората светска војна. И до денес овие “доброволци” под принуда не се обесштететени и се борат за човековите права.

Пред 70 години, на 8 мај 1945 година, завршува Втората светска војна – барем во Европа. Војната сепак продолжува и по капитулацијата на Германија. Кога во август оваа година ќе одбележиме 70-годишнината од атомската бомба врз Хирошима, едвај ќе обрнеме посебно внимание на фактот дека цели три месеци порано војната всушност била прогласена официјално за завршена . Тоа е знак дека во Германија небаре недостасува уште свест за вистинските размери на војната надвор од Европа. Жртвите од Хирошима се доказ за тоа. Како и учесниците во војната од африканските колонии, насилно фрлени во една војна, која не е нивната војна.

Од 1939 година стотици илјади западноафрикански војници биле испраќани да се борат на фронтовите во Европа, безброј мажи од британските колонии биле користени како носачи или помошници. Во Франција, Германија и Италија, во Индија, Мјанмар и Пацифичките острови, африкански војници страдале за своите европски колонијални владетели.


“Волонтери” под принуда

Официјално се тврди дека војниците од Африка биле доброволци. Всушност сепак работите изгледале сосема поинаку. На пример ветеранот од војната Алберт Кунјуко, кој денес е на 93 години, зборува отворено за присило земање на војниците: “Работев во една текстилна фабрика, кога не мобилизираа. Истото го правеле и во други фабрики. Сите помладите работници под 30 години беа регрутирани “, вели 93-годишниот денес маж, кој е претседател на Унијата на ветерани од Киншаса, престолнината на Демократска Република Конго – белгиска колонија до 1960 година. Друг ветеран – Хојрокс Ба од Сенегал, исто се сеќава како се нашол на фронтот: “Еден ден Французите дојдоа и не ни оставија никаков избор – мораше или да се бориме, или да не дадат на суд, што значеше да бидеме стрелани”.

Овие мажи не разбираат зошто и против кого треба да се борат, раскажува Бејби Си, ветеран од Буркина Фасо: “Тогаш никој од нас не знаеше за што се говори, зборот фашизам не ни зборуваше ништо. Само ни велеа дека не нападнале Германците кои не сметале нас, Африканците, за мајмуни. Веќе како војници имавме можност да им докажеме дека сме луѓе. Така беше. Никакви други објаснувања не ни дадоа тогаш. ”
Во војната сите се еднакви

Сенегалскиот писател и режисер на филмови Усман Зембене, исто така поранешен колонијален војник, вели дека во војната го виделе и другото лице на белите луѓе, Европејците – голи, калливи, страдајќи и умирајќи. “Ова им помогна да сфатат дека сите луѓе се еднакви”, вели тој. Затоа и многу поранешни африкански војници се приллучиле масовно во движења и организации за отпор, кои се бореа против колонијализмот во нивните земји.

Но не сите тргнале по тој пат, вели американскиот историчар од Универзитетот во Вотрвил Рафаел Шек. Активистите од ослободителните движења ги обвинуваат ветераните дека работеле за колонијалните сили, односно ги помагале нивните угнетувачи. Многу поранешни војници денеска се осудени на жално постоење и се целосно заборавени, иако го имаат својот придонес за победата над фашизмот. “Како ветеран од војната добивам 5 000 Конгонски франци (околу 5 евра). Тоа не може да е пристојна плата за човек кој се борел за Белгија во војната”, вели огорчено Алберт Кунјуко.

Во 1946 година тој се вратил во татковината Конго по две години, во кои се борел во Јужна Азија на земјата на сојузничките сили против Јапонците. Тој не се чувствува горд на тоа дека е учесник во војната, бидејќи не може да ја надмине болката од загинатите негови другари. Од 25 илјади африкански војници испратени да се борат во Индија, само мал дел се вратиле назад, вели со солзи на очите ветеранот од Конго.