Претседавачот на британската Конзервативна партија, Лорд Ендрју Фелдман се соочува со прашања во врска со неговите поранешни бизнис партнери во контроверзниот заеднички бизнис договор за хотел во земјата пододена од криза, Македонија, пишува британскиот весник Гардијан

Фелдман, универзитетски пријател на премиерот Дејвид Камерон, одбива да го открие идентитетот на неговите поранешен бизнис соработници во оваа балканска земја, кој работи преку фирма регистрирана во оф-шор даночен рај.
Слаѓана Тасева, директор на организацијата за борба против корупцијата Transparency International во Македонија, вели дека има сериозна загриженост дека македонските политичари и нивните сојузници користат оф-шор компании преку кои купуваат земјиштето и имот.
„Лицемерно е што британските политичари им помагаат да го задржат идентитетот во тајност”, вели Тасева.
Компанијата на Фелдман „Jayroma“, влезе во партнерство во 2008 година со „Rigo Holding“, која е формирана во холандските Антили, карипски даночен рај.
Активистите веруваат дека „Rigo Holding“ е контролирана од страна на контроверзниот македонски бизнисмен Јордан Камчев, кој е сопственик на хотели, обработливо земјиште и медиумски бизниси во неговата родна земја. Податоците за контакт на конзорциумот во Македонија беа во згради во сопственост на Камчев.
Заедничката компанија на „Rigo Holding“ и „Jayroma“ е наречена „HLH Macedonia LLP“ и е оформена со намера да изгради хотел на земјиште во државна сопственост во центарот на Скопје, главниот град на земјата.
Според документи од 2014 година на Трговската комора, „HLH Macedonia LLP“ продолжува да биде регистрирана на истата адреса како и канцелариите на „Jayroma“ во Лондон. Портпаролот на Фелдман рекол дека македонската подружница била продадена во 2010 година.
Камчев е близок пријател со македонскиот премиер Никола Груевски, како и со поранешниот шеф на разузнавањето на земјата.
Македонија моментно е во политички ќор-сокак, а илјадници луѓе излегуваат на улица во последните денови во знак на протест за прислушувањето и скандалите со местењето на изборите. Груевски е под притисок да поднесе оставка откако неговите политички противници изнесоа тврдења дека телефонски повици од 20.000 луѓе – вклучувајќи политичари, новинари и верски лидери – биле прислушувани.
Во 2003 година, Фелдман организирал посета на Камерон на Македонија за да гледа фудбалски натпревар со Англија. Фудбалските билети биле платени од страна на Орка холдинг, една од компаниите на Камчев, и идниот премиер се запозна со политичката елита во Македонија. По посетата, Камерон лобираше за Македонија да биде примена во ЕУ во статија напишана за Гардијан.
Камерон го покани Груевски да го посети на Даунинг стрит во ноември 2010 година.
Фелдман, кој го знае премиерот, од времето кога двајцата заедно учеа на Оксфорд Универзитетот и влезе во Домот на лордовите во 2010 година, не го пријавил својот удел во „HLH Macedonia LLP“ во Парламентарниот регистар.
Правилата на Домот на лордовите се дека членовите мора да ги наведат сите „релевантни финансиски интереси”, за кои може да се помисли дека би можеле да влијаат на нивното парламентарно однесување.
Портпаролот на Фелдман вели дека правилата јасно стават до знаење дека само лични финансиски субјекти и интереси мора да бидат обелоденети, а не и нивни подружници. Тој, исто така, одбил да каже кој стои зад„Rigo Holding“, пишува Гардијан.